(Translated by https://www.hiragana.jp/)
Гуштери — Википедија Прејди на содржината

Гуштери

Од Википедија — слободната енциклопедија
Верзијата за печатење повеќе не е поддржана и може да дава грешки. Подновете си ги бележнците во прелстувачит и користете ја можноста за печатење од самиот прелистувач.
Гуштери
Период: доцен тријас - денес
Брадеста агама
(Pogona vitticeps)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Наткласа: Четириношци
Класа: Влекачи
Поткласа: Диапсиди
Ред: Лушпари
Подред: Гуштери*
Günther, 1867

Гуштерите (лат. Lacertilia, порано Sauria) се животни од класата влекачи. Тие ја сочинуваат најголемата денешна група на влекачи, со повеќе од 4.300 видови со најразлични облици и големини.

Комодски варан (лат. Varanus Comodensis ) припаѓа во фамилијата на Варанус , а уште е познат и под името на ,, Комодо Змеј ''. Застапен е во деловите на Островот Комо и на уште неколку острови во Индонезија . Долг е 3 метри , тежи околу 135 колограми и просечниот век на живеење му е околу 100 години . Националниот парк на комодото се наоѓа во Индонезија , во Островот Комо . Нивно засолниште се дупките коишто ги прават , ископувајќи со помош на предните нозе , а со задните нозе ја истуркуваат земјата надвор на површината . Во 2009 година научниците докажале дека при каснувањето на пленот се пренесува отров .

Физички својства

Иако гуштерите се слични со дождовниците и другите водоземци, сепак се разликуваат по тоа што гуштерите имаат сува лушпеста кожа и повеќето имаат канџести стапала и надворешни ушни отвори. Повеќето гуштери се мали, со четири екстремитети и долга опашка која кај многу видови е фрагилна и лесно кршлива, но се регенерира. Нозете на некои гуштери се многу скусени, правејќи ги змијовидни (како стаклениот гуштер); тие се разликуваат од вистинските змии по нивните подвижни очни капаци и по разликите во структурата на черепните коски, особено на тие од долната вилица. Коските од двете половини на долната вилица од гуштерот се цврсто споени, додека тие на змиите се разделени.

Гуштерите се движат на различни начини, во зависност од телесната структура и живеалиштето. Гекосите имаат лушпести дискови на секое стапало кои им овозможуваат да се прилепуваат за мазни површини. Некои гуштери се добри пливачи, а неколку се адаптирани за искачување по дрва.

Исхрана и Однесување

Комодски варан, Varanus komodensis
Отровен брадавичар, Heloderma s. suspectum
Зелен шумски варан, Varanus prasinus
Дворог камелеон (Kinyongia fischeri multituberculatum) на Усамбарските Планини, Танзанија.

Исхраната на гуштерите е различна во зависност од видот. Додека повеќето се инсектојадни, некои, како зелената игуана, се растенојади. Отровниот брадавичар (или „гилско чудовиште“), кое живее во пусти предели, ги јаде јајцата од другите влекачи и птици, како и мали глодачи; тоа исто така поседува масни резерви складирани во опашката. Еден вид, комодскиот варан, е доволно голем за да претставува закана и за човекот.

Како и повеќето влекачи, и гуштерите обично немаат родителско однесување. Женките на повеќето видови положуваат јајца кои ги оставаат сами да се изведат. Меѓутоа, неколку видови (вклучувајќи го и змијовидниот гуштер), раѓаат живи младенчиња.

Живеалиште

Гуштерите можат да се најдат во тропските и суптропските региони низ светот; неколку видови се наоѓаат во умерените области, а ниеден вид во арктичките области. Некои се закопуваат во почвата, а некои се арбореални, додека трети се полуводни животни. Игуаните се наоѓаат во сите три типа на живеалишта.

Одбранбени механизми

Гуштерите поседуваат низа на одбранбени механизми. Скорешните студии покажуваат дека група на гуштери, вклучувајќи ги мониторите и игуаните, имаат жлезди кои секретираат отров во нивните усти, но немаат специјализирани заби како кај змиите. Ниските дози на отров во нивната плунка се доволни за покорување на мал плен. Само два гуштера имаат силен отровен ефект врз пленот - мексиканскиот брадавичар и отровниот (аризонски) брадавичар. И двата вида имаат вдлабнувања во забите кои им помагаат да го спроведат отровот од нивните големи жлезди. Тие најчесто го користат отровот во одбранбени цели. Многу од видовите на големи гуштери можат да се одбранат со силно каснување. Кога е опколен, рогатиот гуштер може да го испрска натрапникот со крв од рабовите на очите или, како чуквалата, да се повлече во пукнатина меѓу карпи или слично и да се надуе (ги исполнува белите дробови со воздух) така што не може да се извлече од тој тесен простор. Алигаторскиот гуштер има заштитни, штитовидни лушпи. Многу гуштери се криптички обоени, односно се обојуваат исто како и околината и тешко се забележуваат. Некои гуштери, како камелеонот, можат да ги менуваат боите на телото како што се менува надворешната околина.

Градба

Усниот отвор е широк, и над него се сместени ноздрите, а зад нив се наоѓаат очите, кои ги препокрива долно и горно капаче, мигателна ципа. Вратот е релативно кус, а трупот е издолжен, испакнат на грбната и сплеснат на стомачната страна. На границата меѓу трупот и опашката се наоѓа коакалниот отвор. Екстремитетите се еднакво развиени и завршуваат со по 5 прсти.

Внатрешна градба

Кожа

Кожата на гуштерот, за разлика од жабата, цврсто е прилегната кон телото. Површинскиот слој од покожичката (epidemis) е орожнат и образува рожести лушпи и штитчиња, додека долниот, малпигиевиот слој е составен од живи клетки кои се размножуваат. Во овој слој и во горниот дел од вистинската кожа се наоѓаат пигментни клетки. Ваквата кожа ги заштитува од загубата на водата, од повреди и навлегуање на најразлични микроорганизми и кожата е сиромашна со жлезди.

Скелетен систем

’Рбетник

`Рбетникот е изграден од коскени процелни прстени. Прешлените имаат тело на прешленот (corpus vertebrae), со горни (arcus neuralis) и долни (arcus haemalis) лакови, односно напречни израстоци (proc. transversi). На `рбетникот можат да се различат 4 региони: вратен (pars cervicalis), составен од 8 прешлени, градно-слабински (pars thoraco-lumbalis), составен од 22 прешлени, крсен (pars sacralis), составен од 2 прешлени и опашен (pars caudalis) составен од голем број прешлени.

Првите два вратни прешлени се диференцирани во атлас (atlas) и епистрофеус (epistrophaeus). Градно-слабинските прешлени се снабдени со зглобни површини за ребрата. Крсните прешлени се одликуваат со силни напречни израстоци, за кои се врзуваат слабинските коски од карличниот појас. Опашните прешлени се нешто подолги и одејќи на назад, постепено ги губат своите составни делови, се смалуваат и на крајот се сведуваат на тенки ковчиња.

Ребра и градна коска

Последните три вратни и сите градно-слабински прешлени се снабдени со подвижно поврзани ребра. На секое ребро може да се различи еден коскен грбен (pars vertebralis) и `рскавичен стомачен дел (pars sternalis). Градната коска (sternum) е `рскавична и има изглед на ромпска плочка со мал отвор. Таа има облик на крст, на чии краишта се врзуваат клучните коски од раменскиот појас.

Череп

Черепот е со тесна основа (тропибазичен череп) и се состои од повеќе региони. Тилниот регион е образован од 4 тилни коски: горна (supraoccipitale), долна (basioccipitale), и две странични тилни коски (exoccipitalia). Слушниот регион е образован од 3 ушни коски: предна (prooticum), задна (opistoticum) и горна ушна коска (epioticum). Во Орбиталниот регион се наоѓа основната клинеста коска (basisphenoideum), а кон однапред се надоврзува мала парасфеноидна коска (parasphenoideum) и парно рало (vomer).Во Мирисниот регион нема коски, туку целиот е изграден од `рскавица. Покривот на черепот е образован од парните носни коски (nasalia), предчелните (prefrontalia), челните (frontalia), задчелните (postfrontalia, postorbitalia), темените (parietalia) и непарната меѓутемена коска (interparietale). Страните на черепот се покриени со: солзни (lacrymalia), надочни (supraorbitalia), надслепочни (supratemporalia) и лушпести коски (squamosa). Во слепоочниот дел од черепот се наоѓа една плитка вдлабнатина,наречена слепоочна јама (fossa temporalis). Оваа јама од надвор е ограничена со горен слепоочен лак, образован од задчелната (postorbitale) и лушпестата коска (squamosum). Горната вилица е образувана од предвилични коски (premaxillare) и горновилични коски (maxillaria). Непцето е образувано од ралото (vomer), непчените (palatinum), крилестите (pterygoidea) и напречните коски (transversum).На Долната вилица се наоѓаат зглобната коска (articulare), забната (dentale), спленијалната (spleniale), аголната (angulare), надаголната (supraangulare) и венечната коска (coronoideum).

Скелет на екстремитетите и нивните појаси

Раменскиот појас е сличен на тој од водоземците, само што е повеќе вкоскенет. Коракоидната коска (coracoideum) е силно развиена, на неа е надоврзана лопатката (scapula), а на лопатката се надоврзува `рскавична надлопатка (cartilago suprascapularis). Клучните коски (claviculae) имаат облик на тенки свиени коски, кои со едниот крај, се прикрепуваат за лопатката, а со другиот за меѓуклучната коска. Предните екстремитети имаат типична градба за петопрсните екстремитети. Раменската коска (humerus), е долга а во подлактичниот дел се наоѓаат две коски палечна (radius) и лакотна коска (ulna). Коренот на шепата е изграден од 10 ковчиња, распоредени во два реда. Во првиот ред се наоѓаат radiale, intermedium, ulnare, centrale и pisiforme, а во вториот ред 5 carpalia distalia. На нив се надоврзуваат метакарпалните ковчиња (metacarpalia) и фалангите на прстите (phallanges digitorum). Карличниот појас е составен од две безимени коски (os innominata). Секоја безимена коска е образувана од 3 коски: слабинска (ilium), седална (ischium) и срамна (pubis). Задните екстремитети имаат исто така типична градба. Бутната коска (femur) е снажна и се надоврзува на две коски: голема писка (tibia) и мала писка (fibula). Во коренот на стапалото (tarsus) има 3 ковчиња: tibio fibulare, tarsale distale 3 и tarsale distale 4+5. На нив се надоврзуваат 5 метатарзални ковчиња (metatarsalia) и фалангите на прстите (phallanges digitorum).

Мускулен систем

Мускулниот систем има претрпено значителни промени. На черепот е развиена сложена мускулатура за жвакање (мастикаторна мускулатура). Појавата на вратниот регион била проследена со развитокот на вратната мускулатура. Трупната мускулатура на стомачната страна е диференцирана на два дела: градна (pars thoracalis) и стомачна мускулатура (pars abdominalis). Во градниот дел се развиени меѓуребрени мускули, надворешни (mm. intercostales externi) и внатрешни мускули (mm. intercostales interni), кои го движат градниот кош и учествуваат во механизмот на дишење. Во задниот дел од грбната мускулатура се диференцирани мускули за движење на опашката. На екстремите и појасите е развиена сложена мускулатура за нивно движење. Присутна е и поткожна мускулатура, која служи за движење на лушпите.

Значење

Повеќето гуштери се безопасни и се корисни за човекот со тоа што ги контролираат популациите од инсекти. Некои видови се извор на храна; некои се убиваат за нивните кожи, иако сега ова е илегален чин во многу земји. Неколку видови се загрозени од уништувањето на нивните живеалишта, а најголемиот денешен гуштер, комодскиот варан, е на списокот на загрозени видови.

Гуштерите како тема во уметноста и во популарната култура

  • „Гуштер“ — песна на рускиот поет Јуриј Кублановски.[1]
  • „Гуштерска сказна“ — песна на македонскиот писател Видое Подгорец.[2]
  • „Скелетот на гуштерот“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[3]
  • Jesus Lizard“ (Обичен базилиск - вид гуштер) — американска рок-група.
  • „Гуштер“ (англиски: Lizard) — песна од истоимениот музички албум на британската рок-група King Crimson од 1970 година.[4]
  • „Гекон“ (англиски: Gecko) - песна на британската рок-група Кричрс (The Creatures) од 1983 година.[5]
  • „Сцинк“ (англиски: Sкink) — песна на американската рок-група Соник Јут (Sonic Youth) од 1994 година.[6]

Наводи

  1. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 176.
  2. Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 72.
  3. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 149-150.
  4. King Crimson – Lizard (пристапено на 27.1.2023)[мртва врска]
  5. DISCOGS, The Creatures – Feast (пристапено на 16.8.2021)
  6. DISCOGS, Sonic Youth ‎– Experimental Jet Set, Trash And No Star (пристапено на 20.7.2019)