(Translated by https://www.hiragana.jp/)
Вруток — Википедија Прејди на содржината

Вруток

Координати: 41°46′6″N 20°50′20″E / 41.76833° СГШ; 20.83889° ИГД / 41.76833; 20.83889
Од Википедија — слободната енциклопедија
Вруток

Воздушен поглед на селото Вруток

Вруток во рамките на Македонија
Вруток
Местоположба на Вруток во Македонија
Вруток на карта

Карта

Координати 41°46′6″N 20°50′20″E / 41.76833° СГШ; 20.83889° ИГД / 41.76833; 20.83889
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горен Полог
Население 640 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1231
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07017
Надм. вис. 620-710 м
Вруток на општинската карта

Атарот на Вруток во рамките на општината
Вруток на Ризницата

Вруток — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Познато по изворот на реката Вардар, истоимената хидроцентрала и специјализираните рибни ресторани. Денес, Вруток претставува една современа селска населба со огромен потенцијал за еколошки туризам. Во вруточките рибници за првпат била створена „златната пастрмка“, а подоцна и „сребрената“.[2] До 2004 година, Вруток бил административно седиште на истоимената општина.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото Вруток
Изворите на Вардар

Името Вруток е добиено по самиот извор на Вардар. Зборот Вруток значи врело, односно извор.[3]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Гостивар, недалеку од самиот град Гостивар на југозапад.[4] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 620 до 710 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено околу седум километри.[4]

Вруток лежи во југозападниот дел на Полошката Котлина, на самиот извор на најголемата македонска река Вардар. Во минатото селото било познато по своите чешми од кои населението се снабдувало со вода. Тие биле: Вардарска, Кладенец, Долномаалска, Чешмиште, Ѓункоец, Селска Чешма и други. Другите чешми се наоѓале подалеку од селото, од кои најпознати се: Глаа Вардар, Шапатинец, Ласкоравен, Јоаноа Чешма, Маџоски Извори, Мариќеец, Јанче-извор, Бигорно Изворче, Студен Извор и Еѓупечка Чешма.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Мрамор, Равјане, Завој, Долно Поле, Ридоој, Облаче, Горно Поле, Лаг, Шавар, Селиште, Шапатинец, Задцрква, Пуштињиште, Маџоски Лагој, Лазој, Рупа, Бранкоа Нива, Долје, Господска Нива или Мелца, Бигор, В’лчин дол, Осој, Бојчиница, Присој, Краста, Садои, Црвеники, Црн Камен, Баба и Старец, Корииче, Плоча, Мариќеец, Душка Стеница, Стог, Горно Изгорено, Деде-бег, Зендел-бег, Горна и Стара Корија.[3]

Вруток е типична селска населба од збиен тип. Поделено е на седум маала. Пет маала го сочинуваат главниот дел на селото. Тоа се Горно или Маџоско, Срејно или Рупадок, Долно, Ѓаковско и Шееско Маало. Шесто маало е Прекувардарското Маало, кое лежи источно од главниот селски пат. Името го добило според тоа што се наоѓа на другата, десна страна од Вардар. Седмо е Баба Мусино Маало, кое се наоѓа североисточно од главниот селски дел, крај патот Гостивар-Кичево-Охрид.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Стара куќа во селото

Поради доброто земјиште, питката вода, густите шуми и местоположба заштитена од ветришта, селото Вруток се создало доста рано. Староста на селото се потврдува во пишани извори, народната традиција и остатоците од старини.[3]

Првото споменување на Вруток е во хрисовула (златна була или печат) на српскиот крал Стефан Урош II Милутин од 1300 година, даден на скопскиот Виргински манастир. Селото е споменато и во периодот од 1337-1346 година. Тогаш тетовскиот манастир „Св. Богородица“ во атарот на селото имал ниви, ливади и воденици.[5].[3] Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) и имало 42 семејства, 2 неженети и 4 вдовици, сите христијани.[6]

Друг податок е зачуван и во списите на Мехмет-паша. Тука се наведува дека во 1608 година се споменуваат воденици.[7] Во скопскиот манастир Матка се наведува дека вруточани давале прилози за манастирот.[8]

Првобитно село се наоѓало во долината на потокот Мелца на југоисток и Вардар на северозапад. Тоа место се нарекува Селиште и денес претставува регистрирано археолошко наоѓалиште.[9] Се смета дека во некои дејствија за време на турското ропство Вруток е раселен. Од старото македонско население преостанало само едно семејство, кое подоцна преминало на левата страна од Вардар и таму го основало денешното село.[3]

Вкупно 9 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[10]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
На влезот во селото се наоѓа хидроцентралата „Вруток“, една од трите на ХС „Маврово“

Атарот на селото зафаќа простор од 10,9 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 621,9 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 243,9 хектари, а на пасиштата само 27,6 хектари.[4]

Врз основа на составот на атарот селото Вруток има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти, а во минатото имало посебна земјоделска задруга.[4]

Во селото работи хидроцентралата „Вруток“, дел од хидросистемот „Маврово“, која во времето на Југославија го носела името ХЕЦ „Тито“.[4][11] Има моќност од 150 MW.[12]

Вруток е село на рибници и рибни ресторани. Првиот рибник за одгледување калифорниска пастрмка, кој е со капацитет од 200 тони, бил изграден во 1962 година и денес годишно произведува над 100 тони риба. Во последните години се изградени уште четири рибници. Вкупното годишно производство на сите рибници достигнува над 200 тони и целосно се пласира на домашниот пазар. Во последните години во Вруток, на повеќе привлечни локации, покрај култниот ресторан „Панорама“, изградени се и рестораните „Кај Симе“, „Бигор“, „Златна пастрмка“ и „Бурими“ (што значи „Извори“), каде што се приготвува вруточката пастрмка, кои се добро посетени.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.141—    
19531.405+23.1%
19611.385−1.4%
19711.345−2.9%
19811.258−6.5%
ГодинаНас.±%
1991303−75.9%
19941.126+271.6%
20021.127+0.1%
2021640−43.2%

Според податоците на поручник Скалон од рускиот конзулат во Битола во 1867-1868 година во Вруток има 30 чисто христијански куќи.

Постепено во селото започнуваат да се населуваат и Албанци и според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вруток живееле 784 жители, од кои 460 жители Македонци христијани, 300 Албанци муслимани и 24 Роми.[13] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вруток имало 480 Македонци под врховенството на егзархијата и во него работело егзархиско училиште.[14]

Една година подоцна во 1906, се дознава дека 24 од 69 христијански куќи во селото биле патријаршистички.[15]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Вруток е центар на општина со четири села во Горнополошкиот срез и има 162 куќи со 938 жители.[16]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 450 Македонци и 450 Албанци.[17]

Вруток е големо село. Во 1961 година селото броело 1.386 жители, од кои 820 биле Албанци, 513 Македонци и 35 Турци. Во 1994 година, бројот се намалил и тоа на 1.126 жители, од кои 835 биле Албанци, а 288 Македонци.[4]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Вруток, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.127 жители, од кои 276 Македонци, 846 Албанци, 3 Срби и 2 останати.[18]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 640 жители, од кои 203 Македонци, 369 Албанци, 9 Турци, 2 останати и 56 лица без податоци.[19]

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 1.141
1953 570 760 16 23 36 1.405
1961 513 820 39 10 3 1.385
1971 442 882 9 7 5 1.345
1981 363 886 2 4 3 1.258
1991 274 27 0 2 0 303
1994 288 835 0 1 2 1.126
2002 276 846 0 3 2 1.127
2021 203 369 9 0 2 56 640

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Според етнографските истражувања на познатиот етнограф Јован Трифуноски, кој и самиот е од Вруток, во селото постојат пет групи на население. Првата се православните Македонци, втората се Македонците-муслимани, трета се исламизирани и албанизирани Македонци, четврта се муслиманските Албанци, додека петта група се Турците. Денес, сите овие се претопени во две основни групи и тоа Македонци и Албанци.[3]

Македонското православно население се староседелци во селото. Турските семејства, кои биле дојдени од Мала Азија се преселиле во Гостивар, додека Албанците се доселеници од Албанија. Преостанатите се претопиле во Албанци.

Според истражувањата од 1946 година, родови во селото се:[3]

  • Македонски родови:
    • Староседелци: Љуљковци (5 к.), се делат на Трифуновци (од кои е Јован Трифуноски), Исајловци и Серафимовци. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Белград (едно семејство); Динговци (1 к.), гранка се од родот Љуљковци; Јандровци (1 к.), гранка се од родот Љуљковци; Лешовци (18 к.), имаат иселеници во Лешница (едно семејство), Тетово (две семејства) и во Скопје (едно семејство); Маџовци (11 к.), имаат иселеници во Лесковац (две семејства); Божиновци (9 к.), имаат иселеници во Скопје (едно семејство); Радевци (8 к.), имаат иселеници во Лесковац (едно семејство);
    • Доселеници: Анковци (3 к.), стари доселеници од областа Порече; Ѓаковци (16 к.), доселени се од околината на Ѓаковица, и се делат на Шукаревци, Димовци, Серафимовци и Ќипровци. Имаат иселеници во Лесковац (едно семејство); Аџиовци (6 к.), доселени се од селото Врбен, Горна Река. Имаат иселеници во Софија (шест семејства); Даниловци (6 к.), доселени се од селото Ново Село. Имаат иселеници во Скопје (две семејства) и во Љубљана (едно семејство); Јосифовци (1 к.), доселени се од селото Лешница, каде биле староседелци, овде се доселил домазет; Мерџановци (1 к.), доселени се од Врбен, Горна Река. Од каде избегале од крв двајца браќа, Максим и Атанаско. Максим во Вруток имал син Мерџан, по кого родот го носи името Мерџановци или Мерџанои. Имаат иселеници во Сушица; Сиљановци (2 к.), доселени се однекаде. Имаат иселеници во Белград (две семејства); Билбиловци (2 к.), доселени се од Печково, таму им се род Игњовци, подалечно потекло имаат од Љура во Албанија; Микаил (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од Церово, каде биле староседелци, и припаѓале на родот Богдановци; Бежовци (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Сретково, каде биле староседелци; Шукаревци (1 к.), потекнуваат од предокот Змејко, кој дошол како домазет од Беловиште, каде биле староседелци и припаѓале на родот Меновци.
  • Торбешки родови:
    • Доселеници: Ќамиловци (2 к.), доселени се од селото Велебрдо, Долна Река. Брачни врски одржуваат со Албанците, а дома зборуваат на македонски и албански јазик.
  • Исламизирани и албанизирани македонски родови:
    • Староседелци: Дурмишовци (6 к.), Фидановци (6 к.), Бајрамовци (3 к.), потекнуваат од православни родови, кои во ова село најпрво се исламизирале, и станале Торбеши, па потоа се албанизирале. Порано зборувале само на македонски, додека сега дома зборуваат само на албански. Од Бајрамовци има иселеници во Гостивар (две семејства).
    • Доселеници: Џаферовци (1 к.), доселени се од Дебарски Дримкол како Торбеши, но во Вруток мешајќи се со Албанците се поалбанчиле. Имаат иселеници во Лакавица; Гуљамчевци (6 к.), и тие се доселени како Торбеши од некое село во Голо Брдо, но мешајќи се со Албанците од Вруток се поалбанчиле.
  • Албански родови:
    • Доселеници: Зиберовци (4 к.), доселени се од Калиса во Северна Албанија, доселени се кон крајот на ХVIII век. Имаат иселеници во Турција (едно семејство); Нурчевци (5 к.), доселени се од околината на Пешкопеја; Мерсимовци (5 к.), исто потекло како и родот Зиберовци. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство) и во Турција (едно семејство); Церјани (3 к.), доселени се од Церани во Калиса, Северна Албанија; Абазовци (10 к.), доселени се од Радомир во Калиса, Северна Албанија; Мудовци (3 к.), исто место на потекло како и родот Абазовци; Оломановци (4 к.), доселени се од областа Мат, Северна Албанија; Исеновци (1 к.), доселени се од исто место како и Абазовци и Мудовци; Рустановци (2 к.) и Суљовци (2 к.), потекнуваат од ист предок, доселени се од Калиса или Љума, Северна Албанија; Велиовци (3 к.), Ракиповци (2 к.), Веаповци (3 к.) и Ганиои (5 к.), доселени се од Радомир, Калиса, Северна Албанија; Зитои (1 к.), доселени се од Речане; Реџеповци (2 к.), доселени се од околината на Пешкопеја.
  • Турски родови:
    • Доселеници: Баба Мусовци (4 к.), доселени се од Мала Азија, од старината најпрво се населиле во Коџаџик, па од таму дошле во Вруток. Брачни врски одржуваат со Турците од Гостивар. Имаат иселеници во Гостивар (четири семејства).

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Во минатото имало иселување од селото, а поединечните иселувања, се прикажани кај родовските гранки.[3]

Според последниот попис, особено е забележливо иселувањето на албанското население.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Вруток било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото било административно седиште на истоимената општина.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Вруток, во која покрај Вруток се наоѓале Дуф, Ново Село, Орќуше, Печково, Равен и Речане. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на тогашната истоимена општина во која влегувале селата Вруток, Мердита, Печково и Равен.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 526 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[20]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 988 гласачи.[21] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.025 гласачи.[22]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[9]
  • Бигор — средновековна некропола;
  • Лазови — средновековна црква и некропола; и
  • Селиште — средновековна населба.
Цркви[23]
Џамии[23]
Други исламски објекти
Споменици
Реки
  • Вардар — најголемата македонска река извира во селото

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Вруток

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Кипроски, Киро (19 август 2011). „Лососот ќе почека за да плива во македонските рибници“. Утрински Весник. Посетено на 2012-04-24.[мртва врска]
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 229–232.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 63.
  5. Гласник српског ученог друштва, XV, 224
  6. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 341
  7. Х . Калеши и М. Мехмедовски: Три Вакуфнами на Качаникли Мехмед-паша. Институт за национална историја Скопје, 1958. стр. 57
  8. Афанасий Матвеевич Селищев (1933). Македонские кодики XVI-XVIII веков: очерки по исторической этнографии и диалектологии Македонии. Македонского научного института.
  9. 9,0 9,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 108. ISBN 9989-649-28-6.
  10. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  11. Ј.П. Електростопанство на Македонија, 50 години македонско електростопанство, Скопје, 1995;
  12. esmak.com.mk Архивирано на 21 април 2008 г., Ј.П. Електростопанство на Македонија, Скопје, пребарано на 28 август 2010
  13. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 213.
  14. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
  15. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 300.
  16. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 25.
  17. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  18. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 јуни 2023.
  19. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  20. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  22. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-06-12. Посетено на 12 јуни 2023.
  23. 23,0 23,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  24. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 53-54.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]