(Translated by https://www.hiragana.jp/)
Историја на ФК Арсенал (1886–1966) — Википедија Прејди на содржината

Историја на ФК Арсенал (1886–1966)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историјата на Арсенал од 1886 до 1966 го покрива периодот од основањето, преку дватаголеми периоди на успеси (1930-тите, доцните 1940-ти и раните 1950-ти) и опаѓањето на клубот до статус на тим од средина на табелата во 1960-тите.

ФК Арсенал е основан во 1886 како тим на работници од Вулвич, југоисточен Лондон. Тимот станал професионален во 1891 по што се приклучил на Фудбалската Лига две години подоцна. Биле промовирани во Првата Дивизија во 1904 но поради финансиски тешкотии клубот се наоѓал пред банкрот до 1910. Хенри Норис го откупил клубот таа сезона и, за да ја подобри финансиската состојба, го преселил на нов стадион во Хајбери, северен Лондон во 1913. По Првата светска војна Норис средил за повторно враќање на клубот во Првата Дивизија.

Сепак првиот период на успеси дошол по назначувањето на Херберт Чепман; Чепман ги модернизирал и реформирал тактиките на клубот, и под негово и раководството на неговиот наследник Џорџ Алисон (кој станал менаџер по смртта на Чепман во 1934), Арсенал освоиле пет титули во Првата Дивизија и два ФА Купови во 1930те. По Втората светска војна, Том Витакер го продолжил успехот, водејќи го клубот до уште две титули во Првата Дивизијаи еден ФА Куп. Сепак по смртта на Витакер среќата на Арсенал почнала постепено да опаѓа; до 1966, биле заглавени на средина на табелата и немале освоено трофеј тринаесет години. Ова довело до бркањето на Били Рајт од менаџерската позиција во 1966, и назначувањето на Берти Ми, кој комплетно ја променил среќата на клубот.

Почетоците (1886-1910)

[уреди | уреди извор]
Составот на Кралскиот Арсенал од сезоната 1888–89.

Арсенал се основани како Дајл Сквер во 1886 од страна на група вработени во работилницата Дајл Сквер, дел од Кралскиот Арсенал, фабрика за оружје во Вулвич, југоисточен Лондон.[1] Тимот бил предводен од Шкотланѓанец, Дејвид Данскин, кој со сопствени средства ја купил првата тимска топка, и Џек Хумбл; во тимот исто така играле и поранешните играчи на Нотингем Форест ФК Фред Бердсли, голманот, и Морис Бејтс. Овие двајца земале комплет црвени дресови од нивниот поранешен клуб, со што Арсенал си ги добил боите кои сè уште ги носи.[2]

Дајл Сквер својот прв натпревар го изиграл својот прв натпревар на 11 декември, 1886 против Истерн Вандерерс на отворено поле на Островот на Кучињата, овој натпревар завршил со победа на Дајл Сквер од 6–0.[3] Клубот набрзо потоа бил преименуван во Кралски Арсенал, најверојатно на Божик.[4] Во почетокот клубот ги играл своите натпревари на Пламстед Комон, но брзо потоа бил побаран друг дом, прво на Спортсмен Граунд во Пламстед, пред преселбата на Манор Граунд во 1888. Поради незадоволство од капацитетите на Манор Граунд, клубот се пресели во блискиот Инвикта Гроунд во 1890. Но се вратиле на Манор Граунд по три години бидејќи киријата на Инвикта била премногу висока.

За време на овој период, Кралскиот Арсенал почнал да освојува локални трофеи, освојувајќи го Кент Сениор Купот и Лондонскиот Черити Куп во 1889-90 и Лондонски Сениор Куп во 1890-91; клубот успеал да влезе во ФА Купот првпат во 1889-90.[5] Сепак, големата разлика меѓу Арсенал и големите професионални клубови од северот на Англија наскоро станала премногу очигледна, и Арсенал се соочил со заканата дека нивните играчи, кои биле аматери, да бидат привлечени од парите кои професионалните клубови можеле да им ги понудат; по натпреварот со Дерби Каунти од ФА Купот во 1891, Дерби се обиделе да потпишат двајца играчи на Арсенал на професионални договори.[6] Поради ваквите случки уште истата година Кралскиот Арсенал решил да стане професионален клуб, истовремено променувајќи го своето име во Вулвич Арсенал.

Преминувањето на Вулвич Арсенал во професионален статус не им се допаднало на многу од аматерските јужни клубови што резултирало со забрана за настапи во локални натпреварувања од страна на Лондонската Фудбалска Асоцијација.[7] Единствени натпревари кои му преостанувале на Вулвич Арсенал биле пријателски и натпревари од ФА Купот. Поради тоа кллубот се обидел да воспостави јужен еквивалент на Фудбалската Лига но овој потег не успеал;[7] Вулвич Арсенал се наоѓал пред мрачна иднина сè додека Фудбалската Лига не им дошла напомош, поканувајќи ги да се приклучат во 1893. Арсенал станале првиот јужен клуб ко се приклучил на Лигата, на почетокот во Втората Дивизија на Фудбалската Лига; како реакција на ова некои од аматерските играчи, кои се противеле на професионалниот статус и сакале работнички клуб кој би го претставувал само Кралскиот Арсенал (фабриката за оружје), се отцепиле и го формирале Кралска Фабрика за Оружје ФК.[8]

Вулвич Арсенал (во темни дресови) играат против Њукасл Јунајтед (во дресови на риги) на натпревар од полуфиналето на ФА Купот — првото полуфинале на клубот — на стдионот Викторија Граунд, во Стоук на 31 март 1906; Њукасл победил со 2–0.

Клубот играл во Втората Дивизија 11 сезони, и главно се држел на средината од табелата, сè до назначувањето на Хери Бредшо за менаџер во 1899;[9] Бредшо и ѕвездите кои ги потпишал, вклучително и голманот Џими Ашкрофт (првиот англиски репрезентативец на Арсенал) и капитенот Џими Џексон, се изборија за унапредување во Првата Дивизија во 1903-04. Сепак Бредшо се префрли во Фулам ФК во мај 1904, пред првиот натпревар на Топчиите во највисоката лига. И покрај неколку добри изведби во ФА Купот — клубот стигнал до полуфиналето во 1905–06 и 1906–07[9] — Арсенал не успеал да конкурира за титулата во лигата, со само две сезони завршени над десетто место во Првата Дивизија од 1904 до 1913.

Главна причина за ваквиот драстичен пад во формата биле постојаните финасиски проблеми. Покрај зголемената заинтересираност за фудбал во почетокот на 20 век, географската изолација на клубот, во релативно ненаселената област Пламстед (која тогаш се наоѓала на периферијата на урбаниот Лондон) значела дека посетеноста, а со тоа и приходот, биле мали.[10] За да избегнат целосно пропаѓање Вулвич Арсенал бил приморан да ги продава своите најдобри играчи (Ашкрофт, Тим Колман и Берт Фриман), и пополека почнал да паѓа на табелата, со што понатаму се влошувала неговата финаниска состојба. До крајот на деценијата просечната посетеност на Менор Граунд била 11000, малку повеќе од половина од таа од 1904.[11] Клубот се наоѓал пред банкрот, и во 1910 започнале ликвидација пред да бидат откупени од конзорциум од стопанственици. Најголем акционер меѓу новите сопственици бил Хенри Норис, богат трговец со недвижнини кој исто така бил и претседател на Фулам ФК.[12]

Преселбата на Хајбери

[уреди | уреди извор]

Норис бил свесен за проблемите кои ги имал клубот поради својта локација, и очајно сакал да го подобри приходот. Тој прво се обидел да ги спои Вулвич Арсенал и другиот негов клуб, Фулам. Кога овој потег бил блокиран од Фудбалската Лига, Норис ја напуштил идејата за спојување на двата клуба, и се рашил за преселба. Тој за таа цел одбрал место во Хајбери северен Лондон. И покрај приговорите на навивачите од Вулвич и месното население од Хајбери,[13] Норис одлучно го извел преселувањето. Наводно потрошил £125000 фунти[14] (околу £8,2 милиони фунти според цените од 2005[15]) за изградбата на новиот стадион, дизајниран од Арчибалд Лич, на терен во сопственост на теолошки колеџ. Вулвич Арсенал се преселиле на новиот стадион во 1913 дедека сезоната била во тек, откако ја завршиле сезоната 1912-13 со враќање во Втората Дивизија.[9] Делот Вулвич бил исфрлен од името на клубот во април 1914 со што клубот станал „Арсенал“, но на почетокот новинарите го викале клубот „The Arsenal“ - Арсеналот.[14]

Клубот се вратил во Првата Дивизија во 1919, но ова било проследено со одреден степен но контроверзија.[16][17] Покрај тоа што завршил на шесто место во сезоната 1914-15 (последната сезона пред почетокот на Првата светска војна, иако имало грешка во пресметките околу гол разликата според која Арсенал завршил на петто место,[18] грешка која била поправена од Фудбалската Лига во 1975.[19] Првата Дивизија била проширувана од 20 на 22 клубови, и за новите два клубови се решавало на годишно собрание на Фудбалската Лига. Едното место му било даденно на Челзи, кој завршил на 19то место и требало да испадне. Другото место можело да им биде дадено на 20то пласираниот (испаднат) Тотенхем Хотспур односно на Барнзли ФК или Вулверхемптон Вандерерс, кои заврчиле на трето и четврто во Втората Дивизија.[18]

Но сепак Лигата решила да му го даде местото на петто пласираниот Арсенал, поради историја а не заслуга; Норис ги убедил членовите на одборот да го унапредат Арсенал поради нивната „долгогодишна служба кон Лигата“, поради тоа што биле првиот клуб од југот кој се приклучил на Лигата.[17] Одборот на Лигата се согласил и го унапредиле Арсенал, со 18 гласови „за“ и 8 „против“, на местото на локалниот соперник Тотенхем Хотспур,[16] со што започнала долгогодишното непријателство меѓу двата клуба. Има тврдења дека Норис ова го постигнал со тајни договори, па дури и мито,[16] и помош од неговиот пријател Џон Мекена, претседател на Ливерпул и Фудбалската Лига која го препорачала Арсенал за унапредување кај Годишното Собрание.[16]

Не постојат докази за какви било „матни зделки“, но некои аспекти од финансиското работење на Норис ги подгревале шпекулациите за такви појави. Норис бил приморан да даде отказ од положбата на претседател во 1929 откако бил прогласен за виновен од страна на Фудбалската Асоцијација за финансиски неправилности. Било докашано дека неправилно ги користел средствата на клубот и дека парите од продажбата на клупскиот автобус ги задржал за себе.[20] Арсенал останале во највисоката лига оттогаш, и го држат англискиот рекорд за најдолга непрекината серија во највисоката лига.[21]

Преселбата на Хајбери донела поголема посетеност. Просечната посетеност во првата сезона на Хајбери била 23000 (споредено со 11000 на Манор Граунд) и се зголемила со унапредувањето во 1919 со што најпосле биле отстранети финансиските проблеми.[22] Сепак враќањето на Арсенал во Првата Дивизија на почетокот не било успешно. Под раководство на Лесли Најтон, клубот никогаш не завршил над 9то место и во 1923-24 дошол блиску до враќање во Втората Дивизија, завршувакчи на 19то место со само еден бод над зоната за испаѓање.[23] Сезоната 1924-25 била уште полоша за Арсенал, тимот завршил на 20то место (сепак клубот бил побезбеден овој пат, со седум бода над зоната за испаѓање), Норис не можел повеќе да ги трпи ваквите резултати и му дал отказ на Најтон во мај 1925,[24] и го назначил менаџерот на Худерсфилд Таун, Херберт Чепман на негово место.

Ерата на Чепман

[уреди | уреди извор]
Достигнувањата на Херберт Чепман комеморирани со бронзена биста во мермерниот хол на стадионот на Арсенал.

Чепман изменил многу од клупските практики и обичаи, вклучително и модернизација на тренажните и физиотерапетските режими. Тој бил првиот менаџер кој, во 1928 година, им ставил броеви на дресовите на своите играчи.[25] Исто така тој бил одговорен за промената на изгледот на дресовите, додавајќи им бели ракави на црвените дресови во март 1933 година. Чепман инсистирал новинарите да го исфрлат определениот член од името (кој дотогаш англиските новинари го викале „The Arsenal“ - Арсеналот), со што клубот станал Арсенал. По успешна кампања кај локалната самоуправа, Чепман издејствувал преименување на локалната станица од подземната железница од Гилеспи Роуд во „Арсенал“.[26] Во меѓувреме Чепман добил и висок трансфер буџет поради зколемениот приход од продадени влезници на новиот стадион, и промената на Хенри Норис. Тој претхдно бил сметан за многу „скржав“ претседател, но сега се залагал за големо трошење на нови играчи.[27]

Првиот играч купен од страна на Чепман бил ветеранот Чарли Бучан од Сандерленд. Покрај својата улога како играч, Бучан имал и важни придонеси кон клубот и на тактички план. По пораз од 7-0 од страна на Њукасл Јунајтед во октомври 1925, тој предложил промена на формацијата за да се адаптира на олеснувањето на правилото за офсајд, создавајчи ја формацијата позната како WM, зацврстувајќи ја одбраната со централниот играч од средниот ред кој би се враќал назад, додека страничните бекови би оделе кон крилата.[28] Со тек на времето Чепман ја доразвил формацијата, ставјќи го акцентот на брза предна линија, со крилни играчи кои би напаѓале на голот и еден креативен играч од средниот ред, плејмејкер.[29]

Формацијата WM која Чепман ја имплементирал во Арсенал.

Арсенал завршил втор во сезоната 1925-26 која била прва на Чепман, што претставувало највисок пласман на клубот во тоа време. Но следните неколку сезони Тимот ги поминал на средината на табелата додека Чепман го составувал својот состав наоѓајќи место за новите играчи, како крилото Џо Хулм, напаѓачот Џек Ламберт и дефанзивците Том Паркер и Херби Робертс, во неговиот нов состав. Во сезоната 1926–27, Арсенал стигнале до своето прво финале од ФА Купот но загубиле со 1-0 од Кардиф Сити, откако голманот Ден Луис дозволил еден навидум слаб шут да му помине низ раце и да заврши во мрежата.[30][31] Ова било единствената ситуација кога ФА Купот бил освоен од тим кој не бил од Англија.[32]

Оваа случка не ја намалила одлучноста на Чепман. Тој го купил новиот капитен Еди Хапгуд, како и тројцта најдобри напаѓачи на клубот, Дејвид Џек, Алекс Џејмс и Клиф Бастин. Алекс Џејмс, плејмејкерот на Арсенал кој ја снабдувал напаѓачката линија и крилата со одлично подадени топки бил посебно ценет од навивачите и бил сметан за мотор на тимот.[33] Три години по нивното прво финале на ФА Купот, во сезоната 1929-30 Арсенал повторно стигнал до Вембли, овој пат против стариот клуб на Чепман - Хадерсфилд Таун. Натпреварот бил значаен по тоа што стадионот бил прелетан од огромниот германски цепелин Граф Зепелин Арсенал останал сконцентриран на својата задача, тимот победил со 2-0 со головите на Џејмс и Ламберт и го освоил својот прв голем трофеј.

Овој успех бил првиот во декада во која Арсенал станал доминантен клуб во Англија. Тимот првпат ја освоил Првата Дивизја во сезоната 1930-31. Клубот стигнал до титулата со одлична игра и високи победи, поминувајќи го директниот конкурент Астон Вила, со победи како 7–1 против Блекпул ФК, 7–2 против Лестер Сити, и 9–1 против Гримзби Таун, клупски рекорд во највисоката лига. Арсенал ја освоил титулата на два натпревари пред крајот, и ја завршил сезоната со 127 постигнати голови (уште еден клупски рекорд). Иако Астон Вила ја завршила сезоната со 128 постигнати голови, национален рекорд за најмногу голови во највисоката лига, сепак го освоила само второто место.

Следната сезона 1931-32, Арсенал повторно стигнал до финалето на ФА Купот но изгубиле во контроверзен натпревар од Њукасл Јунајтед. Арсенал водел 1-0 со голот на Боб Џон, но израмнувачкиот гол на Њукасл дошол по долга топка која ја поминала гол линијата и излегла во гол аут;[34] Крилото на Њукасл Џими Ричардсон сепак ја нафрлил топката во шестнаесетникот и Џек Ален израмнил; Алан постигнал уште еден гол во второто полувреме со што ја донел победата за својот тим. Маката на Арсенал била зголемена поради фактот што Евертон го надминал на врвот на табелата во лигата, поради лошиот старт на сезоната 1931–32 клубот цела сезона го бркал првопласираниот Евертон, завршувајќи со два бода зад него.[35]

Арсенал се вратил следната сезона (1932-33), освојувајќи ја неговата втора лигашка титула. Тимот повторно лошо ја почнал сезоната но благодарејќи на долга победничка серија го стигнале тимот на Астон Вила и го поминале во директниот двобој во април на Хајбери кој завршил 5-0. Со оваа победа Арсенал си ја обезбедил титулата.[36] Во меѓувреме првите играчи купени од Чепман станувале премногу стари.[37] Мислејќи на иднината Чепман го унапредил Џорџ Мејл во првиот тим на местото на Том Паркер, и го купил Реј Боуден за да го замени Дејвид Џек. Единствената дамка на клупскиот учинок бил пораз од Валсал, припадник на Трета Дивизија Север, во ФА Купот. Петмина од првиот тим не играле поради повреди или грип и биле заменети со играчи од резервниот состав,[38] но и покрај фактот што имал шест првотимци Арсенал изгубил 2-0.[39] Една од замените, Томи Блек, бил највиновен за поразот (го направил пеналот кој резултирал со вториот гол на Валсал), Чепман избезумен го продал на Плимут Аргајл уште следната недела; напаѓачот Чарли Волш, бил продаден на Брентфорд една недела подоцна.[40]

Хет-трик лигашки титули (1934-39)

[уреди | уреди извор]
Источната Трибина на Хајбери изградена 1936

Арсенал ја започнал сезоната 1933-34 одлично, но во јануари 1934 Херберт Чепман ненадејно умрел од воспаление на белите дробови (пневмонија). И покрај ова под В.Д. менаџерот Џо Шо клубот ја одбранил титулата таа сезона. Хулм и Џејмс биле повредени во поголемиот дел од сезоната, па Арсенал не бил истиот напаѓачки тим од претходната сезона, постигнувајќи само 75 голови, споредено со 118 од 1932–33.

Џорџ Алисон (кој претходно бил член на одборот на клубот) ја преземал менаџерската одговорност летото 1934 и набрзо потпишал нови засилувања, вклучувајќи го играчите од средниот ред Џек Крејстон и Вилфред „Вилф“ Копинг, и напаѓачот Тед Дрејк.[36] Со новите играчи, Алисон го завршил хет-трикот од лигашки титули, започнат од Чепман, освојувајќи ја титулата во сезоната 1934-35. Клубот исто така се вратил на своите стари напаѓачки навики, Дрејк постигнал 42 гола во лигата, што претставува клупски рекорд. Арсенал повторно грал еднострани натпревари со многу голови кои потсетувале на оние од сезоната 1930–31 (вклучувајќи победи со 7–0 против Вулверхемптон Вандерерс, 8–1 против Ливерпул, и двапати 8–0, против Лестер Сити и против Мидлзборо).[41] Толку била значајна играта на Арсенал што во ноември 1934 на натпреварот на Англија против Светскиот Шампион Италија, кој Англија го добила со 3-2 (таканаречената „Битка на Хајбери“), седум од играчите на Англија биле од составот на Арсенал. Рекорд за најмногу играчи од еден клуб во репрезентација кој сѐ уште важи.[42]

Постојаниот успех на Арсенал привлекувал сè поголем број на навивачи. Домот на клубот, Хајбери би целосно реновиран, трибините на Лич од 1913 биле целосно срушени и заменти со нови модерни ар деко, кои сѐ уште постојат денес — фасадата на Источната Трибина е заштитена градба,[43] и двете фасади се задржани како дел од модерниот станбен комплекс Хајбери. Во меѓувреме Северната и Јужната (позната по часовникот) трибина биле надополнети со покриви. Најголемата посетеност на новиот стадион била 73295 на 9 март, 1935 за натпревар против Сандерленд.[44]

Доминацијата на цела декада од страна на клубот била завршена со уште еден трофеј во ФА Купот во сезоната 1935-36 со победа од 1-0 против Шефилд Јунајтед со гол на Дрејк. Арсенал се изгубија во лигата по титулата од 1934-35. Тимот беше ослабен од пензионирањето на Алекс Џејмс и неможноста да се најде негова замена, како и поради долгорочните повреди на неколку клучни играчи како Херби Робертс и Џо Хулм. Сепак тимот освои и петта титула во лигата во 1937-38 поминувајќи го Вулверхемптон во последното коло, како совршена завршница за многу успешна декада.

Набрзо по почетокот на Втората светска војна во 1939 првокласниот фудбал во Британија бил суспендиран (се играле единствено ревијални натпревари), и сезоната 1939–40 прогласена за неважечка. Хајбери бил конфискуван и претворен во центар за заштита на цивили од бомбардирање, а позади Јужната Трибина бил поставен баражен балон. За време на еден напад, една бомба ја погодила Северната Трибина, го срушила покривот, при што се запалил материјалот кој бил складиран таму. Бидејќи Хајбери бил затворен, Арсенал ги играл своите натпревари на Вајт Харт Лејн, стадионот на нивните лути соперници Тотенхем Хотспур.[45] Натпреварите изиграни за време на војната не се бројат во официјалната статистика; натпреварите се играле на регионално ниво и тимовите најчесто не ни завршувале цела сезона; многу фудбалери служеле во вооружените сили како инструктори и обучувачи и биле одсутни на подолги временски периоди, затоа најчесто настапувале како „гости“ во други клубови. Арсенал го освоиле Воениот Куп Југ на Фудбалската Лига во 1942-43 и Лондонската/Јужна лига во1939-40, 1941-42 и 1942-43.[46]

Во ноември 1945, додека лигашките натпреварувања сѐ уште биле суспендирани, Арсенал биле еден од тимовите кои играле против составот на Динамо Москва кој бил на турнеја низ Обединетото Кралство. Голем дел од играчите сѐ уште биле во странство на воена служба, затоа Арснал играл со состав во кој имало и шест „гости“ вклучително и Стенли Метјуз и Стен Мортенсен, поради ова Динамо биле под импресија дека играат против англискиот национален состав,[47] иако тројца од играчите биле велшани. Во секој случај, Динамо во својот состав го имале Всеволод Бобров на заем од ЦСКА Москва.[48] Натпреварот, изигран на Вајт Харт Лејн, започнал со густа магла и вештите и технички ефикасни Динамо победиле со 4-3, откако Арсенал водел 3-1 на полувреме.

Освен за резултатот, сведоштвата од тој натпревар се различни за се друго; дури и идентитетот на стрелците на головите е оспорен.[49] Англичаните обвинуваат дека Динамо еден дел од натпреварот го играле со дванесет играчи, и се обиделе да извршат притисок кај судијата да го прекине натпреварот во момент кога губеле; од нивна страна, советите го обвиниле Арсенал за нечиста игра и дури го обвиниле Џорџ Алисон дека имал ставено облог на натпреварот (тврдење кое подоцна бло повлечено).[50] По натпреварот Џорџ Орвел бил инспириран во 1945 да го напише својот есеј Спортскиот Дух, во кој пишувал за природата на спортот велејќи дека тој е „војна, само без пукање“.[51] Поради маглата, која попречувала многу од дејствието, јазичната бариера и меѓусебната сомнителност од раната Студена Војна, тешко е да се поверува дека некогаш ќе се дознае што точно се случило дента.

Повоен период (1945-66)

[уреди | уреди извор]
Арсенал го усвоила овој црвен грб во 1949, кој останал во употреба сè до неговата замена во 2002.

Во војната своите животи ги загубиле девет првотимци на Арсенал, најмногу од клубовите од првата лига,[52] а паузата ги скратила кариерите на некои од другите, вклучително и Бастин и Дрејк. Згора на тоа догот од изградбата на Хајбери и трошоците за поправање на воената штета биле тежок финансиски товар за клубот. Арсенал имал големи проблеми кога продолжиле натпреварувањата во 1946. Изгубиле со вкупен резултат 6–1 од Вест Хем Јунајтед во третата рунда на ФА Купот во сезоната 1945–46, и по продолжувањето на Првата Дивизија во 1946-47, клубот завршил на 13 позиција, најлш пласман во 17 години.[53] Џорџ Алисон решил да се пензионира на крајот на таа сезона, по што бил заменет од неговиот асистент Том Витакер, долгогодишен член на Арсенал кој бил тренер во времето на Чепман.

Витакер ја започнал својата кариера со успех, освојувајќи ја лигата во сезоната 1947–48; на чело на тимот бил капитенот Џо Мерсер кој бил столб во одбраната и Рег Луис и Рони Рук кои биле задолжени за голови, Арсенал биле на врвот на табелата од октомври сè до крајот, освојувајќи ја титулата со седум бода предност.[54] Сепак поради просечната возраст на тимот (Рук и Мерсер биле над триесет години, како и Денис и Лесли Комптон), долгорочен успех бил невозможен. Како одговор на сето тоа Витакер донел помлади играчи како Даг Лишман, Алекс Форбс и Клиф Холтон.[55] Иако не успеале да ја одбранат титулата, подмладениот состав го освоил ФА Купот во сезоната 1949–50, со двата гола на Рег Луис во победата од 2–0 над Ливерпул.

Во сезоната 1951-52 клубот за малку ќе успеел да освои Двојна Круна , но завршиле со празни раце; поради серија на повреди и густиот распоред на крајот од сезоната Арсенал ги загубиле последнит два натпревари, вклучително и директниот двобој со тимот кој потоа станал шампион Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд во последното коло од сезоната;[56] по поразот од 6-1, Топчиите завршиле на трето место, со ист број бодови со Тотенхем.[57] Една недела подоцна Арсенал играле со Њукасл во финалето од ФА Купот. Неколку првотимци кои се опоравувале од повреди биле избрзано вратени во составот; Воли Барнс бил изваден поради повреда на коленото во 35 минута (измените не биле дозволени тогаш), и Арсенал со десет играчи на теренот подоцна ги загубил и Холтон, Ропер и Даниел поради повреди, што значи дека до крајот на натпреварот имале само седум здрави играчи на терен;[58] со бројната предност Њукасл успеале да победат со 1-0 со голот на Џорџ Робледо.

И покрај претходната разочарувачка сезона, Арсенал ја освоил својата седма титула во лигата во сезоната 1952-53; во една од најблиските трки до титулата го надминале Престон Норт Енд за да ја освојат титулата со повисок просек на голови откако завршиле со ист број бодови.[59] Кога сите мислеле дека Престон ќе ја земе титулата откако го победиле Арсенал со 2-0 на претпоследниот натпревар, Арсенал се вратил со победа над Барнли ФК од 3-2 и ја земал титулата со 0,099% подобар просек.[60] Тоа бил последен трофеј на Арсенал, во наредните седумнаесет години тимот почнал да опаѓа во формата особено по ненадејната смрт на Том Витакер во октомври 1956.

Со намалувањето на среќата на клубот, се намалил и бројот на ѕвезди кои би потпишале со него. Единствен значаен исклучок е велшкиот голман Џек Келси. Од друга страна пак, младите надежни фудбалери од Академијата, како Дејвид Херд, оделе во поуспешните клубови. Џек Крајстон и Џорџ Свиндин, двајцата поранешни играчи на Арсенал, го наследиле Витакер но не можеле да ги повторат неговите успеси. Освен завршувањето на трето место во сезоната 1958–59 и петто во сезоните 1955–56 и 1956–57, клубот најчесто завршувал на средината на табелата.[53] Ни во ФА Купот тимот немал многу среќа — по стигнувањето до финалето во сезоната 1951–52, не поминал по четвртфиналето до сезоната 1970–71.[53] За да биде ситуацијата уште полоша, нивниот сосед и најголем соперник Тотенхем Хотспур во сезоната 1960–61 ја освоил Двојната Круна.

Во 1962, Арсенал направи храбар но неуспешен потег со назначувањето на поранешниот капитен на Англија и на Вулверхемптон Били Рајт за менаџер и покрај неговиот недостаток на искуство како менаџер или пак со клубот. Како и неговите непосредни претходници на менаџерската позиција, и Рајт бил неуспешен, иако под негово раководство клубот го направил своето деби во европското натпреварување, во Купот на Саемски Градови во сезоната 1963-64 по завршувањето на седма позиција во сезоната 1962–63.[53] Во сезоната 1965-66, последната на Рајт Арсенал завршил на 14 место, најниска позиција за клубот во последните 36 години, исто така имал и најмала посетеност на Хајбери — 4554 на натпревар против Лидз Јунајтед на 5 мај 1966.[44][61] Единствен играч на Арсенал којвлегол во победничкиот состав на Англија на Светското Првенство во 1966 година бил Џорџ Истам, кој воопшто не заиграл на Првенството.[62] Рајт бил отпуштен од одборот летото 1966,[63] и на негово место бил назначен клупскиот физиотерапевт Берти Ми. Одборот не можел ни да замисли кога го назначиле дека Ми потполно ќе ја смени среќата на клубот и го одвел до успеси и во Европа и дома во престојните пет години.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Уште еден клуб заснован во Кралскиот Арсенал бил основан во 1884, и некои играчи на Дајл Сквер како Фред Бердсли, претходно играле за нив. Сепак клупските историчари го сметаат Дајл Сквер како директен предок на Арсенал. Reference: Soar, Phil & Tyler, Martin (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. 21–22. ISBN 0-600-61344-5.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. name="soartyler23"
  3. Бројот на голови постигнати од страна на Дајл Сквер е постојано оспоруван, но шест е официјално забележаната бројка. Reference: Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .23.
  4. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .23.
  5. „Royal Arsenal“. Football Club History Database. Посетено на 2007-05-04.
  6. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .25.
  7. 7,0 7,1 Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .26.
  8. Roper, Alan (2004). The Real Arsenal Story: In the Days of Gog. Wherry. стр. .106. ISBN 0-9546259-1-9.
  9. 9,0 9,1 9,2 „Woolwich Arsenal“. Football Club History Database. Посетено на 2007-05-02.
  10. Spurling, Jon (2004). Rebels For The Cause: The Alternative History of Arsenal Football Club. стр. 28–29. ISBN 0-575-40015-3.
  11. „A Conservation Plan for Highbury Stadium, London“ (PDF). Islington Council. стр. .13. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-06-20. Посетено на 2007-06-07.
  12. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .33.
  13. Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. 34–37.
  14. 14,0 14,1 Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .34.
  15. Според ЦИП калкулаторот на: „Five Ways to Compute the Relative Value of a UK Pound Amount“. MeasuringWorth.com. Посетено на 2007-05-29.
  16. 16,0 16,1 16,2 16,3 Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .40.
  17. 17,0 17,1 Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. .40.
  18. 18,0 18,1 „England 1914/15“. RSSSF. Посетено на 2005-05-03.
  19. Soar, Phil & Tyler, Martin (1986). Arsenal 1886-1986: The Official Centenary History of Arsenal Football Club. Guild Publishing. стр. 42.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  20. Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. 46–48.
  21. „Did Bobby Moore win the US League with West Ham?“. Guardian Unlimited. Посетено на 2007-05-02.
  22. „A Conservation Plan for Highbury Stadium, London“ (PDF). Islington Council. стр. .14. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-06-20. Посетено на 2007-06-07.
  23. „England 1923/24“. RSSSF. Посетено на 2007-05-02.
  24. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .43.
  25. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .18.
  26. „London Underground and Arsenal present The Final Salute to Highbury“. Transport for London. Посетено на 2007-05-03.
  27. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .45.
  28. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. 46–47.
  29. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. 16–17.
  30. „Classic Cup Finals: 1927“. TheFA.com. Посетено на 2007-05-03.
  31. „Wales On Air - The 1927 FA Cup“. BBC Wales. Посетено на 2007-05-03.
  32. „Cardiff's 1927 FA Cup Victory“. BBC Wales. Посетено на 2005-06-07.
  33. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .66.
  34. „FA Cup Final 1932“. FA Cup History (unofficial site). Архивирано од изворникот на 2011-09-28. Посетено на 2006-06-27.
  35. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .57.
  36. 36,0 36,1 Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .60.
  37. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .59.
  38. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .63.
  39. „Third Round upsets“. TheFA.com. Посетено на 2007-05-03.
  40. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .64.
  41. „England 1934/35“. RSSSF. Посетено на 2007-05-03.
  42. Арсенал го држат рекордот за број на стартери во репрезентација; што се однесува за број на играчи на терен истовремено, Арсенал го дели рекордот со Манчестер Јунајтед; седум играчи на Јунајтед беа во игра на крајот од натпреварот против Албанија на 28 март, 2001, но двајца од нив беа замени. Reference: „Most Players from a Single Club in an England Team“. England Football Online. Посетено на 2007-05-03.
  43. „A Conservation Plan for Highbury Stadium, London“ (PDF). Islington Council. стр. .4. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-06-20. Посетено на 2007-06-07.
  44. 44,0 44,1 „Club Records“. Arsenal.com. Архивирано од изворникот на 2007-01-21. Посетено на 2007-05-03.
  45. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .87.
  46. „ArseWeb on... Wartime Arsenal“. Arseweb. Архивирано од изворникот на 2007-09-27. Посетено на 2007-05-02.
  47. Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. .72.
  48. Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. .77.
  49. На пример, Клиф Бастин и Бернард Џој, двајца од играчите на Арсенал кој играле дента, тврдат дека Василиј Кртсев го постигнал првиот гол за Динамо, а новинарот Брајан Гланвил, кој бил само гледач, тврди дека стрелец бил Всеволод Бобров. Reference: Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. .74.
  50. Spurling (2004). Rebels For The Cause. стр. 74–76.
  51. Orwell, George (14 декември 1945), „The Sporting Spirit“, Tribune Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  52. Rippon, Anton (2007). Gas Masks for Goal Posts: Football in Britain During the Second World War. Sutton. стр. .153–6. ISBN 0-7509-4031-X.
  53. 53,0 53,1 53,2 53,3 „Arsenal“. Football Club History Database. Посетено на 2007-05-02.
  54. „Season 1947–48“. RSSSF. Посетено на 2007-05-14.
  55. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. 92–93.
  56. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .98.
  57. „Season 1951–52“. RSSSF. Посетено на 2007-05-04.
  58. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .99.
  59. „Season 1952–53“. RSSSF. Посетено на 2007-05-04.
  60. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .100.
  61. Сепак, паралелно со натпреварот на телевизија во живо се пренесувало финалето од Купот на Победниците на Куповите помеѓу Борусија Дортмунд и Ливерпул. Бидејќи ова било редок настан во тоа време, а натпреварот Арсенал против Лидз Јунајтед немал големо значење за двата тима, што може да биде една од причините за малата посетеност.
  62. {{Наведена мрежна страница 1965-66 | url=http://www.englandfootballonline.com/CmpWC/CmpWC1966Squad.html | title=England in World Cup 1966: Squad Records | work=England Football Online | accessdate=2007-05-02 }}
  63. Soar & Tyler (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. стр. .103.

Библиографија и дополнителни извори

[уреди | уреди извор]
Мрежни места
Книги
  • Joy, Bernard (1952). Forward Arsenal!. Phoenix House.
  • Maidment, Jem (2005). The Official Arsenal 100 Greatest Games. Hamlyn. ISBN 0-600-61376-3.
  • Roper, Alan (2003). The Real Arsenal Story: In the Days of Gog. Wherry. ISBN 0-9546259-0-0.
  • Soar, Phil & Tyler, Martin (2005). The Official Illustrated History of Arsenal. Hamlyn. ISBN 0-600-61344-5.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  • Spurling, Jon (2004). Rebels For The Cause: The Alternative History of Arsenal Football Club. Mainstream. ISBN 0-575-40015-3.
  • Weaver, Graham (2005). Gunners' Glory: 14 Milestones in Arsenal's History. Mainstream. ISBN 1-84018-667-4.