Манастир Жича
Манастир Жича | |
Информации | |
---|---|
Манастир на: | српската православна црква |
Основан | 1207-1217 |
Епархија | епархија Жича |
Личности | |
Основач (и) | Стефан Првовенчани |
Важни личности | Стефан Милутин |
Место | |
Место | Trg Jovana Sarića 1, Краљево, Србија |
Координати | 43°41′46.68″N 20°38′44.66″E / 43.6963000° СГШ; 20.6457389° ИГД |
Отворен за јавноста | да |
Жича е српски средновековен манастир од првата половина на 13 век, кој се наоѓа во близина на Краљево и припаѓа на жичката епархија на српската православна црква. Ја подигнал тогашниот прв крал на Србија од династијата Немањиќи, Стефан Немањиќ (голем жупан 1196-1217, крал 1217-1228), од 1206 до 1221 година,[1] а најзначајна улога во неговото подигање имал и неговиот брат Свети Сава (1219-1233).[2]
Главната манастирска црква, изградена во рашки стил, посветена на Воскреснување на Христос (Свети Спас), според мислењето на научникот и историчар на уметноста Војислав Ј. Ѓуриќ, кога била завршена црквата, станала пример, и тоа во текот на целиот 13 век, со што во историјата на рашкото градителство, имала клучно место.[3] Внатре во црквата има два слоја на фрески:[2]
- постарите се појавиле околу 1220 година и припаѓаат на т.н. „Златното доба на српското сликарство“
- помладите, се појавиле во почетокот на 14 век и припаѓаат на сликарството од времето на кралот Милутин, под влијание на ренесансата на Палеолог, за кои може да се каже дека се претставителни примери на сликарството од тоа време[2]. Внатре во манастирскиот комплекс, источно од главната црква, се наоѓа помала црква, посветена на светите Теодори Теодор Тирон и Теодор Стратилат, а која била изградена во 14 век[2].
Во текот на османлиското владеење со тој крај, манастирот повеќепати бил напуштан. Меѓу Првата и Втората светска војна, манастирот доживеал голема обнова, а најголемата реставрација е изведена по земјотресот кој ја погодил таа област во 1987 година.[2]
Манастирот Жича во 1979 година бил прогласен за „споменик на културата од посебно значење,[2] и бил поставен под заштита на Република Србија.
Историја
[уреди | уреди извор]Манастирот Жича го изградил Стефан Првовенчани, но не се знае точно во кој период. Почетокот на изградбата бил во 1206 или 1207 година, а се смета дека изградбата и делумно фреските во манасторската црква биле завршени до врремето на одржување на големиот собир во Жича, на Спасовден, 20 мај 1221 година.
Ктиторот на црквата во 1217 година од папата Хонориј III (1216—1227) добил кралски венец, и се смета дека крунисувањето било извршено во Жича во текот на истата или наредната година.[1] По стекнувањето на црковната независнот во 1219 година, кога во Никеја братот на Стефан Свети Сава бил поставен за прв српски архиепископ, Жича станала седиште на новооснованата архиепископија, и тука во 1220 година[1] биле поставени епископите на седумте нових епископии, кои со трите стари ја сочинувале автокефалната српска архиепископија.[4]
При своето враќање од Никеја во Србија, Сава од Цариград донел со себе сликари,[3] кои започнале да работат на фрескописот на манастирската црква.
Кон крајот на 13 век, Жича била погодена од налетот на Татарите. Точната година на разрушувањето не е позната, но се смета дека тоа се случило непосредно по 1291 година, во текот на упадот на видинскиот кнез Шишман во Србија.[3] Неговиот упад бил реакција на здружената акција на кралевите Стефан Драгутин (крал на Србија 1276—1282, крал на Срем 1282—1316) и Стефан Урош II Милутин, кои ги уништиле Дрман и Куделин кај тврдината Ждрело, и ја споиле областа Браничево кон државата на Драгутин. Дрман и Куделин ја признавале врховната власт на татарскиот кан Ногај, исто како и Шишман, неговите сили заедно со татарските одреди влегле во Србија и стигнале до Пеќ. Но, нивниот упад многу брзо бил запрен, а силите на Милутин во контраофанзива го зазеле Видин и го приморале Шишман да се предаде.
На почетокот на 14 век, за време на владеењето на кралот Милутин, започнала обновата на Жича, и во текот на целата прва половина на 14 век на манастирскиот комплекс се вршени разни поправки. Иако седиштето на српската црква било пренесено кај Пеќ, архиепископите, а потоа и патријарсите често отседнувале во Жича,[5] посебно во текот на последните децении од 14 век, кога Османлиите сè повеќе ги загрозувале јужните делови на Србија, каде припаѓа Пеќ. Во Жича, во 1429 година деспотот Ѓураѓ Бранковиќ ја издал повелбата таканаречена Есфигменска повелба.
По падот на Србија во 1459 година, манастирот Жича настрадал, иако не се знае точниот датум. Она што се знае е дека жичкиот игумен со двајца монаси во 1520 година го основал манастирот Шишатовац на Фрушка Гора.[6] Смедеревскиот митрополит Захарие во 1562 година го затекнал напуштен манастирот Жича, и почнал да ги обновува монашките ќелии, а во манастирот во 1587 година умрел патријархот Герасим.[5] Османлиските дефтери од 16 век наведуваат дека во Жича во тој период имало монаси, како и тоа дека се работело на обновување на егзонартексот на манастирската црква.[7] Во периодот меѓу 1614 и 1647 година, се знае дека Жича била напуштена,[5] но иако на ѕидовите од комплексот се забележени натписи кои датираат од 17 век, не може со сигурност да се тврди дека во манастирот се одвивал нормален живот.[8] Познато е дека во времето кога манастирската црква добила покрив, во 1730 година за време на митрополитот Јосиф, манастирот доста долго бил напуштен.[5] Кон крајот на 18 век во манастирот работело училиште,[5] а Караѓорѓе Петровиќ во 1806 година го посетил манастирот, и изградил монашки ќелии на четири спрата.[5][8] По Првото српско востание, Османлиите повторно го урнале манастирот.
Работата на обнова на Жича започнала во 1856 година со новопоставениот епископ Јоаникије Нешковиќ, а новите српски кралеви Александар Обреновиќ[9] и Петар I Караѓорѓевиќ во текот на своите крунисувања биле миропомазани во Жича, со што ја продолжиле традицијата на Немањиќи. На почетокот на 1858 година во манастирот било донесено ѕвоно од 478 фунти, подарок од Белград, од српскиот војвода Тома Вучиќ Перишиќ. На натписот на ѕвоното пишувало дека тоа ѕвоно го дава во чест и слава на апостолот и еванѓелистот Лука, својот заштитник.[10]
За време на Првата светска војна, Жича повторно била разрушена, поради што во 1925 година започнала обнова на манастирскиот комплекс. Самата манастирска црква била обновена според проектот на Александар Дероко,[11] а обновата на манастирот не престанала до почетокот на Втората светска војна.
Во текот на окупацијата на Србија, на 10 јули 1941 година германската војска го бомбардирала и го запалила манастирот,[12] а жички епископ Николај Велимировиќ бил одведен во логорот Дахау.
По војната, во 1965 година продолжила обновата на манастирската црква,[11] но силниот земјотрес од 1987 година повторно го урнал манастирскиот комплекс. По земјотресот, започнала обнова на целиот манастир, а на црквата „Свети Спас“ ѝ бил вратен автентичниот изглед од 13 век.
На почетокот на 21 век, одржани се повеќе манифестации со кои била прославена 800-годишнината на манастирот Жича.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Манастирот Жича
-
Влезната врата
-
Фреска
-
Фреска
-
Црква „Теoдoр Стратилат“
-
Црква „Успение на Пресвета Богородица“
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 „Историја манастира Жиче“. Посетено на 7 февруари 2018.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Предлошка:СК-САНУ
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Предлошка:ИСН I
- ↑ Благојевић 1989, стр. 73-74.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Станоје Станојевиќ: „Народна енциклопедија Срба, Хрвата и Словенаца“ I книга, (II фототипско издање), Белград, 1925, (Нови Сад, 2001)
- ↑ Предлошка:СК-САНУ
- ↑ Стојић, Душан (8 октомври 2006). „Јача од ратова“. Вечерње Новости.
- ↑ 8,0 8,1 „Царска лавра света Жича: Страдања манастира Жиче“.
- ↑ Стојић, Душан (7 октомври 2006). „Штит духа“. Вечерње Новости. Посетено на 27 јуни 2011.
- ↑ "Србски дневник", Нови Сад, 1858
- ↑ 11,0 11,1 Стојић, Душан (10 октомври 2006). „Обнова траје“. Вечерње Новости.
- ↑ Архимандрит Јован Радосављевиќ: Гледав како Жича ја бомбардираат („Вечерње новости“, 7 јануари 2013)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Манастир Жича“ на Ризницата ? |