(Translated by https://www.hiragana.jp/)
Растително ткиво — Википедија Прејди на содржината

Растително ткиво

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Растителни ткива)

Во текот на филогенезата на растенијата, растителните ткива се јавуваат подоцна како ниво на биолошката организација. Всушност, тие се јавуваат во оној дел од еволуцијата кога растенијата преминуваат од живот во водена средина во копнена. Растителните ткива кај скриеносемените растенија се еволутивно најусовршени.

Растителните ткива се класифицирани во две групи: творни (меристемски) и трајни.

Творни ткива

[уреди | уреди извор]
Слика на коренов врв на 10x микроскопско зголемување:
1 - центар
2 - калиптроген (живи клетки на кореновиот врв)
3 - коренова капа
4 - Откинати мртви клетки од кореновиот врв
5 - прокамбиум

Клетките од творните (меристемски) ткива постојано се делат и ги создаваат трајните ткива. Исто така, творните ткива содржат група од клетки, наречени првични, кои ја задржуваат способноста за постојана делба, при тоа одржувајќи го континуитетот на творното ткиво. Има неколку видови на творни ткива:

Табела: Творни ткива - особини

Вид на творно ткиво Потекло, место и функција на творното ткиво
Примарно творно ткиво потекнува од ембрионалното ткиво
а) Врвно-апикално творно ткиво
- врвно стеблест
- врвно коренски
- во вегетативниот врв на стеблото
- растење на врвот на коренот
б) Вметнато (интеркаларно) творно ткиво во нодиумите; растење на растението
в) Странично (латерално) творно ткиво во перициклот во вид на прстен; растење на растението
Секундарно творно ткиво Потекнува од паренхимското ткиво, има способност за делба
а) Камбиум Во вид на прстен во коренот и стеблото; од него се диференцира секундарно дрво и секундарна кора; растење во широчина на растението
б) Фелоген се наоѓа под кората; од него се диференцира трајното ткиво перидерм
в) Калусно ткиво на повредени (ранени) места (затоа уште се нарекува и „трауматично творно ткиво“); заздравување на раните

Трајни (диференцирани) ткива

[уреди | уреди извор]

За разлика од творните, трајните или диференцираните ткива се создаваат од творното. По диференцирањето, клетките од трајните ткива добиваат специфична одредена функција која ќе ја извршуваат во текот на целиот живот на растението. Само одредени трајни ткива (како паренхимот) ја задржуваат способноста за делба, па од нив се создаваат секундарни трајни ткива. Подолу се дадени одликите на разноличните диференцирани ткива.

Паренхим

[уреди | уреди извор]

Паренхимските ткива заземаат најголем дел од растителното тело. Тие ја исполнуваат внатрешноста на секој орган и меѓу нив се сместени другите ткива. Филогенетски гледано, тие се најстарите ткива во растенијата. Диференцирањето (оспособувањето за одредена функција) на паренхимските клетки зависи од улогата што ја имаат во организмот. Според функционалната активност, паренхимските ткива се поделени на:

Табела: Паренхимски трајни ткива - особини

Вид на трајното (диференцирано) ткиво Потекло, место и функција на трајното ткиво
Паренхимско ткиво (паренхим) се состои од живи клетки со малку цитоплазма, многу хлоропласти, тенки клеточни ѕидови, со меѓуклеточни простори
a) основен паренхим изодијаметрични, издолжени клетки; основно градбено ткиво во растението
б) паренхим за складирање видови: шеќерен; маслоносен; белковински; водоносен
в) паренхим за фотосинтеза фотосинтеза; палисадно ткиво - цилиндрични клетки, густо збиени, богати со хлоропласти (хлоренхим), под горниот епидермис на листот
г) асимилационен паренхим транспирација во мезофилот; сунѓересто ткиво - клетките се овално-округли со големи меѓуклеточни простори низ кои циркулираат гасови и водена пареа
д) спроводен паренхим издолжени клетки, меѓусебно поврзани; спроведува хранливи материи на кратко растојание
ѓ) апсорпционен паренхим издолжени клетки со продолжетоци и тенки клеточни ѕидови; апсорпција на вода и минерални соли
е) воздухоносен паренхим (аеренхим) богато ткиво со меѓуклеточни простори за транспорт и складирање на воздух

Покривни ткива

[уреди | уреди извор]
Напречен пресек на стебло од лен, покажувајќи ги ткивата. Ep = епидермис; C = кора; BF = склеренхимски влакна; P = флоем; X = ксилем; Pi = срцевина.

Покривните трајни ткива се еден вид кожа на растенијата, што ги заштитува внатрешните ткива од механички повреди, прекумерно греење и испарување, навлегување на микроорганизми и слично. Според потеклото и местоположбата во растителното тело, разликуваме три вида на покривни ткива:

Табела: Покривни трајни ткива - особини

Вид на трајното (диференцирано) ткиво Потекло, место и функција на трајното ткиво
Епидермис (примарно покривно ткиво) - клетките се густо збиени со израстоци во вид на запци кои навлегуваат едни во други
- еднослоен, со кутикула и/или трихоми
заштитна функција
а) стомин апарат - две високодиференцирани клетки со хлоропласти ја градат стомата
транспирација и размена на гасови
Перидермис (секундарно покривно ткиво) - настанува од фелогенот
- густо збиени издолжени клетки во неколку реда, кои секундарно се задебелуваат
заштита на стеблата и корењата
a) лентицели (леќички) - постојано отворени отвори на стеблото
- изградени од растресит паренхим
- размена на гасови и транспирација
Мртва кора (терциерен епидермис или терциерно покривно ткиво) - изумрени површински клетки (мртва кора кај дрвенести многугодишни растенија)
- повеќепати се создава од фелогенот
заштита од сушење и механичка заштита (од животни)

Механички ткива

[уреди | уреди извор]

Механичките ткива на растенијата им даваат цврстина и еластичност, бидејќи во растителното тело образуваат еден вид на скелет кој овозможува растенијата да се спротивстават на механичките дејства на факторите во животната средина. Функцијата на механичките ткива произлегува од градбата и распоредот на механичките елементи. Има два вида механички ткива:

Табела: Механички трајни ткива - особини

Вид на трајното (диференцирано) ткиво Потекло, место и функција на трајното ткиво
Механичко ткиво - густо збиени клетки една до друга, без меѓуклеточни простори со задебелени клеточни ѕидови
- формираат скелет на растението
а) коленхим - многуаголни издолжени живи клетки со нерамномерно задебелени ѕидови
- имаат хлоропласти
- дваат цврстина и еластичност
б) склеренхим изградено од различни типови на клетки
склеренхимски влакна - мртви клетки со рамномерно задебелени клеточни ѕидови
- издолжени со заострени краеви
- даваат цврстина и отпорност, растегнување и свиткување
склеренхимски клетки - мртви многуаголни клетки, силно задебелени

Ткива за лачење

[уреди | уреди извор]
Флоем.

Ткивата за лачење кај растенијата (секреторно-екскреторни ткива) излачуваат или екскретираат најразлични секрети (хормони, ензими и слично) или екскрети (непотребни материи).

Спроводни ткива

[уреди | уреди извор]

Спроводните ткива, како што кажува и нивното име, служат за транспорт на органски и неоргански материи низ растителното тело. Има два типа на спроводни елементи: ксилем, кој ги транспортира водата и неорганските материи до листот и другите делови, и флоем, кој врши транспорт на асимилатите од фотосинтезата од листот до целото растение.