Христо Татарчев
Христо Татарчев | |
---|---|
Претседател на Централниот комитет на ВМРО | |
На должноста 1894 – 1901 | |
Наследник | Дамјан Јованов Груев |
Задграничен претставник на Централниот комитет на ВМРО | |
На должноста 1902 – 1905 | |
Лични податоци | |
Роден(а) | 16 декември 1869 Ресен, Отоманско Царство |
Починал(а) | 2 јануари 1952 Торино, Италија | (возр. 82)
Занимање | револуционер |
Професија | лекар |
Потпис |
Д-р Христо Татарчев (16 декември 1869, Ресен — 2 јануари 1952, Торино, Италија) — македонски лекар, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на Централниот комитет. Завршил гимназија во Пловдив, а медицина во Цирих и Берлин. Во 1901 бил уапсен и заточен во Бодрум Кале. По амнестирањето бил член на Задграничното претставништво на ЦК на ТМОРО. Бил и еден од основачите на Македонската федеративна организација. Поради отворените закани од ВМРО на Тодор Александров бил принуден да емигрира во Италија. Автор е на статии и публикации за македонското прашање.
Животопис
[уреди | уреди извор]Потекло и образование
[уреди | уреди извор]Д-р Христо Татарчев е роден на 16 декември 1869 година во Ресен, тогаш во Османлиското Царство, во богато банкарско и трговско семејство. Негов брат е Михаил Татарчев, а братучед Божирад Татарчев, исто така револуционери на Македонската револуционерна организација.
Основно образование учел во родниот град, а потоа се префрлил во Брацигово и Пловдив. За овој период Татарчев истакнува: Слободниот живот во Брацигово, политичките борби во Пловдив (казионисти обединисти и сл.), ученичките бунтови, социјалистичките идеи, слободно проповедани, соединувањето на Тракија со Бугарија, што го преживеав во Пловдив, - сето тоа влијаеше кај мене да се формира посебен светоглед за слободата на човекот и на народите. [1]
Средното образование го завршил во 1887 година по што заминал на дошколување во Цирих, Швајцарија, во 1890 година се префрлил во Берлин каде дипломирал како лекар во јули 1892 година со дипломската работа на тема „Професионални неврози", која подоцна ја испечатил и објавил.
Револуционерна дејност
[уреди | уреди извор]Првите револуционерни копнежи и чекори
[уреди | уреди извор]Општата состојба во Македонија наметната од османлиските власти придонеле уште во раното детство кај Татарчев да се јават револуционерни копнежи и мисла за ослободување на неговата татковина. Тој вели дека:
„ | Уште во Ресен, како дете, растев под туѓо угнетување, постојано под терор, исчекувајќи со трепет да се врати жив некој од нашите кога одеше на пат. Овој терор го правеа особено Албанците. Мајка ми од уплав и поради губењето голем дел од богатството се разболе и почина. Албанците беа дојдени откај Охрид и заминувајќи за Битола беа навлегле во Ресен. Пискотници по поистакнатите куќи. Сакаа да бидат сместени на конак. Тоа значеше дека на своите коњи ќе кренат сè што е вредно од тие куќи, па дури со себеси во Албанија ќе одвлечат и луѓе. Беа запреле и пред нашата куќа. Нивниот главатар, со барјак, беше дојден пред нашата куќа. Дома голем уплав, затоа што дома сме имале и пари. Нашите ја затворија портата, за да има време во соседните куќи да се префрлат парите и други вредности. Албанците почнаа да ја кршат портата, и најпосле ја скршија, влегоа, и ја најдоа внатре само баба ми, а сите други - мајка ми, стрина ми и др. беа поминале во соседната турска куќа. Со вжештено железо тие извлекуваа пари, со запалени гламни, со ќотек. Штом ќе влезат, бараат да се јават мажите. Бидејќи немаше други, ја мачеле старата да ги повика мажите [1] | “ |
По заминувањето во Бугарија и од како со свој очи ги видел придобивките од слободата, кај него уште повеќе се зацврстила идејата за ослободување на Македонија. Со својот револуционерен жар додека бил ученик во Пловдив, учествувал во обединувањето на кнежевството Бугарија и Источна Румелија, а сето тоа придонело уште повеќе да се зацврстат неговите револуционерни убедувања:
„ | Во време на обединувањето, како ученик зедов учество како доброволец. Заедно со множество други луѓе на покривот на еден вагон стасавме до Трново Сејмен, каде се задржавме 20 дена. Оттаму мене, и други помлади ученици како мене, не вратија во Пловдив, и не приклучија кон новоформираните единици, а накај половината на ноември, по голем студ, кога и Марица беше замрзната, нашата дружина тргна пеш накај Сливница. Кога стасавме во Пазарџик, штотуку беше склучено примирјето. По десетина дена се вративме назад во Пловдив. Соборувањето на Батемберг ме затече во Габровскиот манастир, каде бевме се вратиле од една екскурзија на Бозлуџа. Во тие околности, во текот на сето време на моето учеништво во Пловдив, постојано си мечтаевме за ослободување на Македонија, но во нашите глави немаше ништо поопределено оформено за тоа прашање. Записите на Захариј Стојанов и сета литература, што прикажуваше за востанијата и за ослободувањето на Бугарија, се голтаа на еден здив. [1] | “ |
Во Солун и првите контакти
[уреди | уреди извор]Есента 1892 година, Татарчев се вработил како лекар во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во текот на летниот одмор, во 1893 година посетил неколку градови во Македонија со цел да се запознае со состојбите во земјата.
Во 1892 година кај Иван Хаџи Николов се зацврстила идејата дека само со една тајна револуционерна организација ќе може да се пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија. Затоа, тој почнал да бара лица кој имале јасни децентрализирачки ставови кон егзархиското црковно-училишно дело во Македонија, а меѓу овие лица кој биле содирани од страна на Хаџи Николов се нашол и Татарчев.[2] Меѓутоа, бидејќи биле малкумина, тие решиле да ја одложат акцијата, но не ја напушиле идејата за основање на една организација.[2]
Во август 1893 година, барајќи медицинска помош, кај него дошол Даме Груев. На третата средба, Груев се отворил пред Татарчев и тие отворено разговарале за да се подобри политичката положба на нашиот народ.[3]
Основање на Македонската револуционерна организација
[уреди | уреди извор]На 2 ноември (21 октомври, по стариот каледнар) 1893 година, покрај солунскиот брег се сретнале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон (Андон) Димитров, при што разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. И. Х. Николов понудил во основањето да учествуваат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев.
Состанокот се одржал во сабота навечер на 4 ноември (23 октомври по стар стил) 1893 година, во станот на Христо Батанџиев, а на него присуствувале присуствувале: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево - Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово - Солунско и домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско. На средбата, сите едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација.
На 5 јануари 1894 година, пред Богојавление, за време на распустот, се одржала Јануарската средба на која дошло до конкретно формирање на организацијата. На дневен ред биле: целта, името и поставеноста на организацијата. Појдовна точка за дискусија бил членот 23 од Берлинскиот конгрес. Во однос на втората точка, Татарчев истакнал:
„ | На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитетот Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот - „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К. | “ |
На Јануарската средба, помеѓу другото, бил конституиран и Централниот комитет, во кој влегле шестемина основоположници, додека Татарчев бил избран за претседател на Ц.М.Р.К. , а воедно бил избран и за прв претседател на Македонската револуционерна организација.
|
Солунска афера
[уреди | уреди извор]На 23 јануари 1901 година по (стар стил) започнала Солунската афера. Таа ноќ, турските власти ги уапсила Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев - Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија.[4]
По нивното апсење, започнале серија на претреси при што полицијата упаднала во живеалиштата на Христо Татарчев, Никола Попев, Коне Попев, Димитар Паљошев и Христо Пиперков. Последните двајца биле уапсени, а Пиперков подоцна бил ослободен. По нив бил уапсен и книжарот од Воден, Димитар Хлебаров. На 25 јануари, биле уапсени Христо Матов и Пере Тошев, а полицијата извршила претрес во живеалиштето на поп Стамат од црквата св. Димитрија и тамошното пансионско училиште. Малку подоцна бил уапсен и самиот Христо Татарчев. Иако, тој можел да избега и да се засолни, бидејќи за можното апсење му било укажувано од помошникот на рускиот конзул, Тодор Хаџимишев, но Татарчев: ... не сакал да дезертира од својот пост.
На 20 февруари 1901 година било покренато обвинението против 19 - мината прво обвинети. Со него биле обвинети: Милан Михајлов, Кочо Георгиев, Коце Лазаров, Тодор Иванов Карапетков, Васил Мончев, Христо Татарчев, Христо Матов, Пере Тошев, Поп Стамат и други. Тие биле обвинети за државен престап против Отоманското Царство, сакајќи: Да основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает[5] или, во најмала рака, овие три вилаети да бидаат присоединети кон Бугарија.[5] Според еден документ од англиско потекло, тие било обвинети за организирање на револуционерна сила против османската власт со цел: воспоставување во Македонија автономна власт... воспоставување на нова форма на власт (влада) во Македонија.[2]. Ова дело било казниво според членовите 56 и 58 од Османлискиот кривичен закон и според нив следувало смрта казна.
Како резултат на Солунската афера, од 26 февруари до 14 март 1901 година било одржано судење на кое биле изведени 19 души, членови на Организацијата. Од нив, тројца беа осудени на смрт, седум на доживотен затвор (меѓу кои, Христо Матов и Пере Тошев), тројца на петгодишен затвор со синџири (меѓу кои, Христо Татарчев и поп Стамат), еден на затвор во траење од две години, додека петмина обвинети биле ослободени.
Поради пренатрупаност во солунскот затвор, на 6 јули 1901 година, зедно со 38 затвореници, меѓу кои биле Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев Иван Хаџи Николов и други, во придружба на 20 војници под придружба на еден поручник, Татарчев бил спроведен со паробродот "Марија" (во сопственост на компанијата Хаџи Даут) и испратен за Подрум Кале, каде требало да ја издржува својата казна зедно со своите другари.
Задграничен претставник
[уреди | уреди извор]Заедно со Христо Матов и Пере Тошев, Христо Татарчев бил помилуван на 19 август 1902 година од страна на султанот. На помилувањето му претходело тоа што Татарчев му помогнал на некој висок турски службеник така што успешно ја породил неговата жена, која претходно три дена се породувала во големи болки. Меѓутоа, иако ослободен, тој не заминал веднаш дома, туку секој ден им носел храна на своите другари кои ја издржувале затворската казна.[6] На враќање од Подрум Кале, на 30 август 1902 година, во Грција, Татарчев бил повторно уапсен, под обвинување дека соучествувал во убиството на некој грчки лекар во Гуменџе. Сепак, под притисок на бугарската јавност, тој бил ослободен. Истовремено, неговата куќа била каменувана, зашто се оженил за Софија, ќерката на грчкиот конзул во Солун.[6] При крајот на 1902 година, Татарчев бил именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.
Во почетокот на ноември „Врховистичкото востание“ спласнало и тогаш Иван Гарванов со новоназначените задгранични претставници Христо Матов и Христо Татарчев, во тајност од другите членови на Централниот комитет се решил за востание. Матов и Татарчев, веднаш откако пристигнале во Софија на својата должност, започнале преговори за помирување со Врховниот комитет.
Во средината на декември, Христо Татарчев имал средба со бугарскиот премиер Стојан Данев и кнезот Фердинанд I и известил дека акциите идната година се неминовни.[7] Кон крајот на ноември 1902 година, ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за кревање на востанието. Таа требало да се санкционира и затоа Иван Гарванов на 24 декември 1902 година испратил известување за одржување Конгрес.
Задграничното претставништво, откако го примило писмото од ЦК, организирало советување во Софија кое траело неколку дена. На оваа советување присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Борис Сарафов, Михаил Герџиков, Кирил Прличев, Туше Делииванов, Христо Силјанов и други. Притоа, Матов и Татарчев ја поддржувале идејата за општо востание, додека пак Ѓорче Петров и Гоце Делчев се залагале за перманентно востание.
На Солунскиот конгрес од 1903 година била донесена одлука за кревање на Илинденското востание, меѓутоа Татарчев, кој бил поборник за кревање на востанието, истакнал дека: Солунскиот конгрес... бил совршено незаконски, бидејќи ја одзел можноста на ЗП како составен дел на ЦК, да се искаже по прашањето за востанието.[7]
Во екот на востанието, Задграничното претставништво во име на Организацијата се обратило до големите сили. Преку Декларација, било истакнато дека вмешувањето на големите сили е: единствено средство за се отстрани злото и да се запре пролевањето на крвата.[2] Притоа, било побарано, со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да припаѓа на турската администрација и ќе делувал независно од Високата Порта. Било потенцирано дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои ефикасна меѓународна контрола.[2]
Постилинденска дејност
[уреди | уреди извор]Својата работа во ВМОРО, Татарчев ја продолжил и по Илинденското востание. Тој не бил избран за делегат, а според тоа, не зел учество на Рилскиот конгрес во октомври 1905 година. По конгресот, повеќе не бил член на Задграничното претставништво на ВМОРО. Потоа, блиску соработувал со десната струја во Организацијата, поради што влегол во судир со Серската група на Јане Сандански и не учествувал во дејноста на Организацијата до Ќустендилскиот конгрес, кога дошло до дефинитивен раскол во Организацијата. На овој конгрес, тој бил избран за задграничен претставник, заедно со Тодор Лазаров, Пејо Јаворов и Христо Силјанов. По Младотурската револуција од 1908 година, Татарчев го поддржувал Соjузот на бугарските конституциони клубови, но не учествувал во неговата работа.
Емиграција
[уреди | уреди извор]Во текот на Балканските војни и Првата светска војна, Татарчев бил лекар во бугарската армија. На петнаесетгодишнината од Илинденското востание, тој одржал свечен говор во Крушево. Во текот на јануари 1919 година, ги поддржал мислењата на групата од „Бившата ВРО од Западна Македонија“, но не го потпишал нејзиниот Апел од 9 март 1919 година само затоа што, според него, не било доволно интонирано националното прашање. По Првата светска војна, Татарчев продолжил со својата револуционерна дејност. Во есента 1920 година учествувал во создавањето на Македонската федеративна организација, меѓутоа ,поради недоразбирањата кој ги имал со Тодор Александров, морал да ја напушти Бугарија и со своето семејство се населил во Торино, Италија.
Меѓу двете светски војни, Татарчев напишал голем број статии во весниците „Македонија“, „Вардар“ и др. По окупацијата на Вардарска Македонија од страна на Бугарија во 1941 година се вратил во својот роден град. Меѓутоа, подоцна заминал за Софија, а по бомбардирањето на овој град во 1943 година се засолнил во Нова Загора. Во текот на 1944 година Иван Михајлов му предложил на Татарчев да стане претседател на проектот Независна република Македонија, но тој го одбил овој предлог.[8]
Враќање во слободна Македонија
[уреди | уреди извор]По ослободувањето на Вардарска Македонија, Татарчев се вратил во Ресен за да види како се живее таму и евентуално последните години да ги помине во Македонија. Во Ресен се сретнал со своите роднини и пријатели кои ги оставил пред многу години.
Вториот ден отишол во една кафеана каде што се пеела песната - Бог да го прости Миле Поп Јорданов. Нему му протекле солзи, а тогаш некои во црни мантили му рекле: "Ти си Бугараш, веднаш да ја напуштиш Македонија, што побргу". Татарчев им одговорил: "Ако бев таков, немаше да трчам овде да го видам својот ослободен народ." Вечерта, кога се прибрал дома, дошол некој негов близок роднина и му рекол: "Уште утре да го напуштиш Ресен оти ти подготвуваат нешто". И така, по само три дена поминати во Македонија, заминал во Бугарија, но и таму не можел да живее со комунистите, па оттаму заминал во Торино, Италија. По 1947 година, роднините на Татарчев немале никаков контакт со него. Истовремено, поради неговото минато, тие биле следени од полицијата, а неговиот внук на брат бил затворен и му бил конфискуван имотот. Притоа, државата ги одзела сите фотографии и ракописи од неговите роднини, под изговор дека ќе ги искористи за историски цели. Неговата куќа во Ресен била национализирана и некое време на неа била поставена спомен-плоча, но без неговото име. Оставена без грижа од страна на државата, подоцна куќата се урнала.[9]
Смрт
[уреди | уреди извор]Татарчев умрел во Торино на 5 јануари 1952 година.[10] Погребот бил извршен на 7 јануари во 10:30 часот на гробиштата во Торино. До денот на погребот, неговото тело лежело во црковниот параклис на болницата. Телото, облечено во официјален костум, било поставено во двоен ковчег - внатрешен од цинк и надворешен од солидно дабово дрво.
Во 8:30 часот утрото, по една кратка молитва од свештеникот на болницата, металниот внатрешен ковчег бил запечатен со калај, а со специјални „буруми“ бил затворен и дабовиот капак на надворешниот ковчег. Над ковчегот бил положен голем венец од црвени каранфили со свилена црвена лента, со златен напис - “На великиот син - од Македонија”. Говор на погребот одржал Асен Аврамов, соработникот на Иван Михајлов од Македонската патриотска организација од САД, кој останал да се грижи за имотот на д-р Христо Татарчев. Наспроти неговата желба неговите посмртни останки да бидат пренесени во Солун, на иницијатива на македонски емигранти, на 23 октомври 2010 година, неговите посмртни останки биле пренесени во Бугарија, каде биле погребани на централните софиски гробишта.[11]
Тестамент
[уреди | уреди извор]Д-р Татарчев оставил тестамент, завештание, напишан своерачно, на три страници, во Торино, 1952 година. Тестаментот гласи:
- - Јас, долупотпишаниот д-р Христо Николов Татарчев, населен во Торино, Италија, го напишав своерачно следниот тестамент, по слободна волја и целосно сознание, без какво и да е надворешно вмешување или принуда, со кое го оставам во наследство на жена ми Софија, д-р Христо Николов Татарчева, Петро Логотети, која живее исто како и јас привремено во градот Торино, "Виа Гилберти" 24, целиот недвижен имот, идеалната половина дел од куќата која се наоѓа на аголот на улиците "Цар Борис" и "Егзарх Јосиф" во Софија, Бугарија и сите парични суми, кои се наоѓаат во бугарските и италијанските банки и ја правам моја единствена наследничка по тестамент, согласно законите на мојата држава Бугарија. Моја желба е по нејзината... издршка до смртта, ако остане нешто од мојот идеален дел од гореспоменатата куќа да биде дадено по еднаков дел на општините кукушка и ресенска - Македонија, за просветно - културни цели, ако последните општини се во пределите на голема Бугарија; во спротивен случај да се даде за просветителни културни цели на општините на кој и да е македонски град кој останал под бугарска власт... Со овој тестамент ја изразувам последната моја волја и ги обезвреднувам сите претходни своерачни тестаменти напишани од мене. Овој тестамент го завршувам денес, на шести јули илјада деветстотини и четириесет и втора година, во градот Торино, Италија во присуство на моите сонародници др. Христо Манов, д-р Тома Флоров и архитект Никола Дулгеров, сите населени во Торино.[12]
Публикации
[уреди | уреди извор]Татарчев е автор е на голем број статии и публикации за македонското прашање:
- "Ставот на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација кон македонското прашање", Сп. Сила, 21 јуни 1919.
- "Атентатите во Југославија и европската дипломатија", В. Заря и В. Македония, 27 март 1930.
- "Хрвати и Македонци", В. Заря, 12 мај 1930.
- "Малцинствата и англо-френцуската политика", В. Заря, 18 јуни 1930.
- "Пансрпската идеја и македонскиот народ", В. Заря, 3 јули 1930.
- "Франција и Југославија во ОН и македонската борба", В. Македония, 9 март 1932.
- "Српскиот вандализам во Македонија и Далмација", В. Македония, 27 декември 1932.
- "Илинден - симбол на слобода и сплотеност", В. Македония, 18 јули 1933.
- "Од 1893 година до денешни дни", В. Македония, 2 август 1933.
- "ВМОРО како реална суштина и легендарна моќ", Илинденски лист, 2 август 1940.
- Статиjaта на д-р Татарчев "Илинден - символ на свобода и сплотеност", публикувана во в-к "Македония", број 2020, год. VII, стр. 3, Софиjа, 18.VII.1933 г. качена во "Библиотека Струмски"
- Тестаментот на д-р Татарчев пишуван во Торино, Италиjа, 6. VII. 1942 г. во "Библиотека Струмски"
- "Първият централен комитет на ВМРО", Софиjа, 1928 г., спомените на д-р Татарчев в "Библиотека Струмски"
Мисли на Татарчев
[уреди | уреди извор]Македонија
[уреди | уреди извор]„ | Македонија не е една колонија, која би можела да се третира на сфери на влијанија... македонскиот народ не може да трпи слични комбинации за делба на неговата родна земја.[7] | “ |
„ | Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци.[13] | “ |
Македонскиот народ
[уреди | уреди извор]„ | Идејата за слободата на Македонија се појави кај македонско-бугарскиот народ[белешка 1][белешка 2][белешка 3] по силата на оној неминовен универзален закон во животот на народите, за развивање и конкретизација на мислата и волјата како народносно самосознание и историска реалност. Македонско-бугарскиот народ, откако се ослободи од духовно-културниот терор, за што тој дал најсветли фигури, како бр. Миладиновци, Жинзифов и др. не можеше да остане повеќе индиферентен спрема господарите на неговата родна земја при такви политичко-социјални услови. Затоа, идејата за слобода за него беше една насушна неопходност за непречена пројава на неговиот дух и волја во животот. Имено, таа неопходност го принуди да ја напушти вековната пасивност и да прибегне со оние методи и дејствија за слобода, коишто беа одобрувани од светската историја и од самиот живот. Таа негова фантазија најпосле се обејективизира во почетокот на 1893 г. во форма на конспиративна организација - ВМОРО. Солун пак, стана не само нејзино седиште, туку и центар на нејзината револуционерна дејност.[14] | “ |
Основање на МРО
[уреди | уреди извор]„ | ...Прифатен еднаш автономниот принцип, ни налагаше да бидеме последователни и во понатамошните решенија и да го избегнуваме сето тоа, кое, во инородното население би возбудило сомнение на тесноград национализам. Поради таа причина го напуштивме зборот българска од револуционерната организација; исто така и таа од централниот комитет. Одринско од почетокот не влегуваше во нашата програма. Целото наше внимание тогаш беше насочено околу Македонија; но подоцна почна да се зацврстува идејата во нас, така што нашата организација да го опфати и Одринско, каде судбината на христијанското население, особено на бугарското, не се разликуваше со ништо од тоа на македонскиот народ и каде политичко-социјалните и економски услови беа речиси идентични со оние во Македонија. Притоа чл. 23 од Берлинскиот конгрес не охрабри доста во тој однос и зафативме попосле да го обмислуваме поопстојно и тоа прашање - дали ќе биде полезно, ако и Одринско биде вовлечено во нашата програма. Најсетне дојдовме до заклучок дека и таа област треба да составува дел од нашата ревулуционерна дејност, така што, на тој начин си мислевме дека се даваше едно задоволително решение на балканското прашање.[7][15] | “ |
„ | Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидувавме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротивставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи...Откако се согласивме за целта на нашата организација - на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записите“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи нацрт за нашиот статут.[1] | “ |
„ | На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитетот. Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот – „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К.“. На други средби статутот беше дефинитивно примен, од истиот тој состав на шестемина. Тогаш веќе, во согласност со усвоениот статут, беше конституиран првиот Централен комитет, при што мене ме избраа за претседател, а Дамјана Груев за секретар и благајник.[7] | “ |
Илинденското востание
[уреди | уреди извор]„ | Илинденското востание, на коешто македонскиот Бугарин ќе му ја празнува триесетгодишнината, беше сеопшта сенародна фантазија, под чијшто импулс и вера Македонија се подготвуваше редица години и ги даде сите возможни морални и материјални жртви за овој голем момент. Тоа требаше да дојде после една долгогодишна револуционерна дејност [16]. | “ |
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Во Османлиското Царство не постоел редовен систем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Османските власти го евидентирале само машкото население, и тоа не по национална основа, туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа, постоеле еден вид на матични книги т.н "нуфуз дефтери" во кои биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кои биле под духовна јурисдкција на Цариградската патријаршија, а тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кои биле нарекувани Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, а тука спаѓаат Македонците-егзархисти кои биле нерекувани Бугари. Од национален аспект, само за Евреите постоела посебна графа како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци (види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003.)
- ↑ Македеонската национална свест во 19 и почетокот на 20 век бил слабо развиена. Тоа го потврдуваат повеќе странци: Сеќавањата за минатото потполно исчезнале и кај селаните останале само нејасни преданија за дамнешната слобода која тие ја уживале. Во едно зафрлено село во близината на Охрид, во кое нема ни учител ни свештеник, а неговите жители не знаат ниту да пишуваат ниту да читаат, говорев со неколку дечиња за да дознаам колку тие знаат за минатото. Ги однесов кај едно осамаено и необично закосено ритче на чиј врв се наоѓа урнатините на бугарскиот цар, тие се наоѓаат над езерото и долината. Кој го изградил ова? Ги запрашаав. Одоворот беше впечатлив: Слободните луѓе. А кој биле тие? Нашите дедовци. Да, ама дали тие биле Срби, Бугари, Грци или Турци? Не, не биле Турци, тие биле христијани. И тоа беше изгледа сè што тие го знаеја (види: Доживувањата на Х. К. Бреилсфорд, Во Македонија не се поистоветуваат со својата нација (1905)). Од друга страна, пак, повеќето странски пропаганди на територијата на Македонија го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците (види: Ванчо Ѓорѓиев, Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, Табернакул, Скопје 2006, Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., Скопје 1997, Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980.
- ↑ Основоположниците на Македонската револуционерна организација биле бугарски воспитаници и биле под влијание на бугарската пропаганда од тоа влијание тие не се отргнале наеднаш туку постепено. Крсте Петков Мисирков во својата книга За македонцките работи истакнува: Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 г. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за делба на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со свои сопствени сили и средства слобода и со тоа да ја предупредат делбата на Македонија. По нивна иницијатива, во почетокот на деведесеттите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”. Но, тоа духовно движење на Македонците не ѝ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија. Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така, и Сарафов и другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација. Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија (види За македонцките работи и Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или смрт...)
Извори
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Христо Татарчев, Спомени
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје, Институт за Историја-Филозофски факултет
- ↑ Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев София, 1928, страница 100.
- ↑ Pierre d’ Espagnat - Avant le massacre (Roman de la Macedoine actuelle) - Македония - политическо и научно литературно списание г. I кн. VII, София, 1922
- ↑ 5,0 5,1 Георгиев Величко и Стайко Трифонов, Македония и Тракия в борба за свобода (XIX и началото XX век) Нови Документи, София, 1995
- ↑ 6,0 6,1 Жанета Здравковска, "Поради страдањата уште повеќе се гордееме со Татарчев", Дневник, година XVI, број 4 995, 23 октомври, стр. 3.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
- ↑ Македонската кървава Коледа. Създаване и утвърждаване на Вардарска Македония като Република в Югославска Федерация (1943-1946) Автор: Веселин Ангелов, Издател: ИК "Галик ", ISBN 9548008777, стр. 113 - 115.
- ↑ Жанета Здравковска, "Поради страдањата уште повеќе се гордеем со Татарчев", Дневник, година XVI, број 4 995, 23 октомври 2012, стр. 3.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник. София, 2001, стр. 164.
- ↑ Тленните останки на първия претседател и съосновател на ВМОРО д-р Христо Татарчев бяха положени в София.
- ↑ Тестаментот на д-р Христо Татарчев[мртва врска]
- ↑ Мисли на Татарчев
- ↑ ВМРО како реална суштина и легендарна моќ - Христо Татарчев
- ↑ Македонска историја -Спомени
- ↑ Илинден - симбол на слобода и сплотеност - Христо Татарчев
Литература
[уреди | уреди извор]- Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003.
- МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ, МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА, СКОПЈЕ 2009.
- Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев, София, 1928.
- Д-р Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Тестаментот на д-р Христо Татарчев[мртва врска]
- Д-р Христо Татарчев, "Македонския въпрос, България, Балканите и Общността на Народите", съставители Цочо Билярски, Валентин Радев, Унив. Изд. „Св. Климент Охридски", София, 1996. (бугарски)
- Христо Татарчев, "Спомени". (македонски)
- Татарчев погребан во Бугарија (македонски)
|