Киро Глигоров
Киро Глигоров | |
---|---|
1. Претседател на Македонија | |
На должноста 27 јануари 1991 – 19 ноември 1999 | |
Заменик | Стојан Андов (според уставот на Р.М.) |
Претходник | нема |
Наследник | Борис Трајковски |
Претседател на Собранието на СФРЈ | |
На должноста 1974–1978 | |
Претходник | Мијалко Тодоровиќ |
Наследник | Драгослав Марковиќ |
Лични податоци | |
Роден(а) | 3 мај 1917 Штип, Кралство Србија |
Починал(а) | 1 јануари 2012 Скопје, Македонија | (возр. 94)
Партија | Сојуз на комунистите на Македонија (реформирани комунисти), СДСМ |
Сопружник | Нада Глигорова (в. 1943; починала 2009) |
Деца |
|
Занимање | |
Професија | Правник |
Потпис |
Киро Глигоров, родено име Киро Панчев (Штип, 3 мај 1917 — Скопје, Македонија, 1 јануари 2012) — македонски активист на македонското студентско и комунистичко движење, записничар на првото заседание на АСНОМ 1944, македонски и југословенски економист, политичар и државник, прв претседател на самостојна и независна Република Македонија.
Во февруари 1990 година се вклучил во Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма. Глигоров активно учествувал во работата на овој форум на кој се разгледувала ситуацијата во Југословенската Федерација и можностите за разврската со осамостојување на Социјалистичка Република Македонија. По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 25 јануари 1991 година, Глигоров бил избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година. На 7 март му го доверил мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада.
Глигоров имал активна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање. Така тој бил автор на прашањето поставено на референдумот одржан на 8 септември 1991 година: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден Сојуз на суверените држави на Југославија?“[1] Според тврдењето на тогашниот претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов, во август 1991 година тој имал долг и тежок разговор со претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров (кој бил автор на референдумското прашање), убедувајќи го да го избрише вториот дел од референдумското прашање. Плашејќи се од воената интервенција од страна на ЈНА, Глигоров останал на својата формулација на референдумското прашање.[2] По успешно одржаниот референдум, Глигоров излегол на плоштадот „Македонија“ и со восхит ги поздравил насобраните граѓани.
По донесувањето на Уставот, сите активности за меѓународното признавање на Македонија ги презел претседателот Киро Глигоров. На 16 декември 1991 година, Советот на министрите на Европската заедница (сегашната Европска комисија) донел одлука да ја признае независноста на оние републики од СФРЈ кои ќе побараат признавање, но кои ги исполнуваат условите поставени од страна на Европската заедница. Притоа, републиките на СФРЈ кои барале меѓународно прзнавање, со помош на претседавачот на Конференцијата за Југославија, ги проследиле пријавите до Арбитражната комисија (предводена од франускиот правен експерт Робер Бадентер), која требало да даде мислење пред да се донесе дефинитивната одлука за признавање. Претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров, навреме ја поднесол пријавата за меѓународно признавање, а Арбитражната комисија подготвила прелиминарен текст којшто го испратила до Република Македонија. Во мислењето на Арбитражната комисија (точката 2а) се изразувала одреден сомнеж во однос на желбата на Македонија за стекнување независност, предизвикан од вториот дел на референдумското прашање. Поради тоа, на 11 декември, во весникот „Нова Македонија“, претседателот Глигоров објавил реакција поради прелиминарното решение на Арбитражната комисија. Во писмото испратено до Бадентер, Глигоров го опишал доследното, последователно донесување правни акти за независноста на Македонија и дал објаснување за вториот дел од референдумското прашање - неговото убедување дека состојбата во СФРЈ ќе се смири со посредство на меѓународната заедница и дека ќе се создаде нов сојуз на републиките.[1]
При приемот на Република Македонија во членство во Обединетите Нации, под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, го одржал првиот говор пред Генералното собрание на Обединетите Нации на 7 април 1993 година. На општите претседателски избори со мнозинство гласови повторно бил избран за претседател на Републиката, 16 октомври 1994 година. На 13 септември 1995 година во седиштето на Обединетите Нации била потпишана Привремената спогодба за нормализација на односите со Грција. На 2 октомври, во Белград го потпишал договоор за признавање со Сојузна Република Југославија, а следниот ден, на 3 октомври 1995 година, врз Глигоров бил извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се вратил на својата претседателска должност. Во Хелсинки со свечена изјава на Глигоров било потврдено пристапувањето на Република Македонија кон Завршниот документ на КЕБС, на 29 мај 1996 година.
Глигоров за своето успешно, конструктивно водење и регулирањето на меѓународните односи на македонската држава бил добитник на бројни меѓународни награди и признанија. По говорот на Универзитетот во Питсбург, Соединетите Американски Држави бил прогласен за почесен доктор на Универзитетот, на 21 септември 1997 година. На 5 јануари 1998 година во Неапол му била врачена Средоземната награда за мир. По истекот на вториот претседателски мандат, го отстапил претседателското место на новоизбраниот кандидат Борис Трајковски.
Глигоров бил оженет со Нада Глигорова, ќерка на Стојан Мишев. Киро Глигоров бил најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога завршил неговиот втор претседателски мандат, тој имал 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележала Глигоров како најстар претседател на држава во светот. Глигоров починал во длабока старост — 94 години, на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.
Потекло
[уреди | уреди извор]Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност...
— Христо Андонов-Полјански [3]
Штип
[уреди | уреди извор]Штип е еден од најстарите градови во Македонија. Градот е сместен меѓу висините на Исарот, Мерите и Кумлакот. Малата река Отиња (долга 3 км) тече низ центарот на Штип и го дели на два дела. Исто така, низ Штип поминува и реката Брегалница. Отиња се влева во реката Брегалница, во југозападниот дел на градот, во Штипско Ново Село. Составен дел на градот Штип е Ново Село, кое се наоѓа во јужниот дел на градот, во клисурата на Брегалница, веднаш зад Исарот, на патниот правец кон Радовиш.
Во 1837 година, Штип веќе имал 17 000 жители, а во 1899 година, 20 900 жители.[4]. Во 1830 година, во Штип било отворено првото училиште на македонски народен јазик, а во 1868 година, Јосиф Ковачев (1839-1898) го отворил првото педагошко училиште. Нешто подоцна, во 1872 година започнало со работа првото народно читалиште "Дејателност". При крајот на 19 век, од 1894 до 1896 година, во училиштето (изградено во 1872 година) во Ново Село предавал Гоце Делчев, идеологот на македонското националноослободително револуционерно движење.[5][6]
Семејство
[уреди | уреди извор]Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Потекнува од просечно македонско семејство за тоа време. Татко му бил занаетчија а мајка му домаќинка. По презиме, Глигоров е роден како Панчев, но бидејќи татко му бил бојаџија честопати во градот неговото семејство ги нарекувале и како Бојаџиески.
Кога наполнил доволно години за да посетува училиште, односно во 1924 година, директорот на тогашното српско основно училиште во Штип му го променил името и презимето како Ќирило Глигоровиќ. Со такво име тој се задржал сè до 1941 година. Од 1928 година се запишал на тогашната прогимназија во Штип, каде некое време работел како библиотекар. Истото го завршил во 1932 година. Своето средно образование го продолжил во Скопје на Машката гимназија (1932-1936), каде станал и член на гимназискиот кружок.
По матурирањето, Глигоров се запишал на Правниот факултет во Белград, каде што студирал во периодот помеѓу 1936–1940 година. Во престолнината на Кралството Југославија, тој се вклучил како член, а извесно време и како секретар на Културно-уметничкото друштво „Вардар“. Заедно со загрепските членови на Културно-уметничкото друштво „Вардар“ учествувал во Македонското народно движење, а за време на летниот одмор и во дејноста на Студентската колонија во Охрид. Како студент од трета година, во настанатата провала од страна полицијата, тој за првпат бил уапсен, но поради немање докази бил ослободен. Во затворот ја составил песната „Ленка“ што останала многу популарна и во текот на Народноослободителната борба во Вардарска Македонија.
Образование
[уреди | уреди извор]Во време на Втората светска војна
[уреди | уреди извор]Влегување во КПЈ
[уреди | уреди извор]По завршувањето на студиите во Белград, Глигоров кратко време работел како приправник во некоја канцеларија во Белград. Но, кога на 6 април 1941 година Белград бил бомбардиран од страна на Нацистичка Германија, Глигоров се вратил во Скопје. Овде, се вработил во „Вардар Банка“ како правник, а потоа и сам отворил адвокатска канцеларија. На оваа позиција се задржал многу малку, бидејќи бил наклеветен од страна на некој соработник дека бил опасен „србин“. Така, по вторпат тој бил приведен како комунист. По пуштањето од притвор, Глигоров активно се вклучил во антифашистичкиот илегален отпор, соработувајќи со Кузман Јосифовски - Питу.
Формирање на АНОК
[уреди | уреди извор]Во есента 1943 година бил формиран Антифашистичкиот народноослободителен комитет, по иницијатива на КПЈ. Глигоров во АНОК се вклучил преку Кузман Јосифовски - Питу. Оваа организација дејствувала како еден вид прв зачеток на подоцнежната власт. На состаноците кои ги одржувале заедно со другите членови на АНОК, тематски најмногу се разгледувало прашањето околу создавање на македонска држава во составот на Југославија.
По разгледувањето на објавувањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, во октомври 1943 година, АНОК изразил несогласност со југословенската концепција и целите на борбата, застапувајќи се за обединување на деловите на Македонија во единствена борба за слобода. Приговорот на АНОК на Манифестот, во вид на писмо до Главниот штаб на НОВ и ПОМ) го формулираат Глигоров и Благој Хаџипанзов во декември 1943 година. Негативната реакција на овој Приговор членовите на АНОК ја чувствувале и долго по Ослободувањето на Македонија.
Истата година Глигоров се оженил со Нада, со која имал две ќерки и еден син.
Антифашистичко Собрание за Народно Ослободување на Македонија
[уреди | уреди извор]Во почетокот на мај 1944 година, Киро Глигоров за првпат излегол во партизани. Истовремено, како член на АНОК, заедно со уште осум членови, бил повикан да се вклучи во подготовката за АСНОМ. Така, Глигоров станал член а подоцна и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, каде работел во подготовка за изготвување на политичкиот реферат.[7]
На Првото заседание на АСНОМ, кое се одржало на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински, тој го водел записникот од истото заседание, а бил избран и за член на АВНОЈ. Истата година присуствувал на островот Вис како претставник на Македонија на заседанието на АВНОЈ. По враќањето од Вис, тој прво се упатил во Белград, кој веќе бил ослободен, а потоа во Скопје.
На Второто заседание на АСНОМ, кое се одржало од 28 декември до 31 декември 1944 година во Скопје, Глигоров исто така зел учество. На тоа заседание тој прво бил избран во Президиумот на АСНОМ а потоа и како повереник за финансии при Президиумот на АСНОМ.[8]
Во времето на Југославија
[уреди | уреди извор]Во Белград, бил определен за помошник на генералниот секретар на Претседателството на Владата на Федеративна Народна Република Југославија, во периодот помеѓу 1945–1947 година, а потоа бил помошник-министер за финансии во перидот 1947–1952 година. По оваа година извршувал повеќе функции: помошник-претседател на Стопанскиот совет на Владата на Федеративна Народна Република Југославија (1952–1953), заменик-директор на Сојузниот завод за стопанско планирање (1953–1955), секретар за стопанство – координатор во Сојузната влада (1956), секретар на Секретаријатот на СИС за општостопански работи и истовремено бил избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија (1956–1962).
Станал сојузен секретар за финансии (1962–1967), а по земјотресот во Скопје бил задолжен од СИС за изработка на програма за обновата на разурнатиот град, како и за спроведување на првите стопански реформи во 1965 година. Во периодот помеѓу 1967-1969 година ја извршувал должноста потпретседател на СИС, а потоа станал член Претседателството на ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија и на Извршното биро, во периодот помеѓу 1969–1971 година. Од 1971 до 1972 година бил член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а во периодот помеѓу 1974 – 1978 година бил претседател на Собранието на СФРЈ. Пред пензионирањето во периодот помеѓу 1978 – 1987 година бил член на Советот на Федерацијата. Во 1987 година се пензионирал, меѓутоа бил ангажиран во тимот за реферми на претседателот на СИС Анте Марковиќ.
Враќање во Македонија
[уреди | уреди извор]По завршувањето на ангаржманите на Киро Глигоров во комисијата на Анте Марковиќ за реформи, на Денот на републиката, 29 ноември во Белград, покрај повеќето политички лидери од цела република, на таа церемонија присуствувале Глигоров и членот на Централниот Комитет на СКМ, Петар Гошев. Таму тој официјално го поканил на Глигоров да членува во неговата Комисија и Форум за спроведување на веќе започнатите реформи најавени во Македонија. Така, тој ја прифатил оваа понуда, чија работа завршила безуспешно во целина поради недостаток на време. Во тоа време веќе бил започнат процесот за воведување на повеќепартиски систем во Македонија.
Претседател на Република Македонија
[уреди | уреди извор]„Да бидеме свои на своето. Да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект.“
— Киро Глигоров
Во 1989-1990 година, кога завршува социјалистичкото уредување, кога СФРЈ се распаднала и кога на просторите на СФРЈ имало воени дејствија, во Република Македонија се втемелуво партиски плурализам и се одржале првите повеќепартиски избори. Пред да биде составена експертската влада на Никола Кљусев, во Македонија за прв претседател бил избран Киро Глигоров.
Избор за прв претседател на Република Македонија (1991-1994)
[уреди | уреди извор]Со воведување на повеќепартискиот систем во Македонија, започнало мегупартиските консултации околу предлагање на личност за кандидат за претседател на Република Македонија. Таква функција дотогаш во Македонија не постоело. Така, биле установени Амандмани на Уставот на СР Македонија, кои го навестиле конституирањето на Македонија како суверена држава. Тогаш било одржана седница помеѓу трите најголеми политички партии во Македонија: СКМ-ПДП (реформирани комунисти), ВМРО-ДПМНЕ и Сојузот на Рефромските сили на Македонија. По неуспешната идеја кандидат за претседател на Република Македонија да биде митрополитот Скопски и Повардарски Михаил, тоа му било понудено на Киро Глигоров.
Така, во почетокот на новата 1991 година, односно десет дена по конституирањето на Собранието на Македонија, на дневен ред дошло и расправата околу изборот за претседател на Социјалистичка Република Македонија. По првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги добил потребните две третини од гласовите, поради немање поддршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш, тој добил 60 од потребните 80 гласови за избор на претседател.
Но, по само три дена, ВМРО-ДПМНЕ излегла со соопштение дека ќе ја подржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпреседател и премиер на државата биде избран личност кој е член на нивната партија. Така, на 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласови “ЗА“ , Киро Глигоров бил избран за прв претседател на Република Македонија. На 7 март му го доверил мандатот на експертската влада на Никола Кљусев.
Започнување на немирите и војната во СР Југославија
[уреди | уреди извор]Во почетокот на 1991 година дошло до тотално распаѓање на комунистичка СФРЈ. Но, целата југословенска јавност станувала се позагрижена поради конфликтите кои се заострувале помеѓу јужнословенските народи. Со избувнуивањето на немирите на Косово, а подоцна и на Плитвичките Езера во Хрватска и Вуковар, во залудна ситуација влезе и Македонија со испраќање на војници на бојните полиња. Подоцна започнал и протестот на мајките кои нивните синови ги испратиле во Босна, каде Киро Глигоров се залагал и ги уверувал дека македонските војници ќе бидат вратени назад во својата матична земја. Самиот Глигоров во овој конфликт се залагал за што е можно побрзо повлекување на ЈНА од просториите на Македонија, и сето тоа да протече без никакви инциденти. На 28 март Глигоров учествувал на самитот на претседателите на југословенските републики во врска со зачувување на пријателските односи помеѓу словенскиот народ, а подоцна, на 6 јуни 1991 година била предложена Платформа помеѓу Глигоров и Изетбеговиќ.
Истоивремено, Глигоров, како претседател на Македонија директно учествувал со генералот Анџиќ во врска со начинот за повлекување на ЈНА од Македонија. Така, бил постигнат договор според кој дислокацијата на ЈНА од Македонија требало да се заврши до 15 април 1992 година. Во овој поглед, Глигоров имал голем придонес околу зачувувањето на мирот и стабилноста во Македонија.
Референдум за независност
[уреди | уреди извор]Република Македонија со референдумот кој се одржал на 8 септември прогласи независност. По овој повод претседателот на Република Македонија Киро Глигоров ги поздравил насобраната толпа луѓе со следниве зборови: „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.
Домашна и меѓународна политика
[уреди | уреди извор]- Веднаш по прогласувањето на независноста на Република Македонија, Киро Глигоров, како претседател на Република Македонија, кон крајот на септември и почетокот на октомври учествувал на Конференцијата за Југославија која се одржала во Хаг, Холандија, каде се расправало повторно околу можноста за зачувување на мирот и стабилноста на Балканот.
- По усвојувањето на новиот Устав на Република Македонија на 17 ноември, претседателот Глигоров веќе на 2 декември упатил писмо до шефовите на странските држави и влади со барање да ја признаат независноста на Република Македонија
- На 26 јануари 1992 година претседателот Глигоров за првпат, како претседател ги посетил САД и Канада, а притоа учествувал и на состанок во ООН каде била разгледувана можноста околу влегувањето на Република Македонија во таа организација
- На 1 април 1992 година повторен собир на претседателите на поранешните југословенски републики во Брисел
- На 26 август 1992 година Глигоров ја предводил македонската делегација на Лондонската мировна конференција
- На 7 април Република Македонија стана полноправна членка на ООН, каде претседателот Глигоров одржал говор на седницата на Генералното собрание на ООН
- На 6 август во Њу Орлеанс, САД, на Глигоров му било врачено одликувањето на Американската адвокатска асоцијација за придонес во унапреднувањето на правото и за развој на демократијата. Оваа награда претставувала и прва за еден претседател или политичар од источноевропските земји.
Улога на Глигоров во преговорите за името со Република Грција
[уреди | уреди извор]Веднаш по осамостојувањето и прогласувањето на независност на Република Македонија, воРепублика Грција се кренала тензија околу новата држава на Балканот, посебно околу нејзиното матично име и знаме. Во овие преговори, активно учество заземал и Киро Глигоров.
Така, кон крајот на 1992 и почетокот на 1993 година, тој, по покана од францускиот претседател Франсоа Митеран, бил во работа на Франција, каде на францускиот претседател директно му го објаснил проблемот околу името на Република Македонија.
Веднаш по преговорите со францускиот претседател, Киро Глигоров имал состанок со министерот за надворешни работи на Австрија, Алојз Мок, кој „сакал“ Австрија да биде ставена како посредник меѓу преговорите за името. Но, преговорите престанале, откако од Република Македонија, на чело со претседателот Глигоров, бил одбиен предлогот на Мок државата да се вика „Централна Балканска Република“. На 12 април 1993 година, согласно мандатот даден од Генералниот Секретар на ООН, Бутрос Гали, Сајрус Венс и Лордот Овен ја започнале посредничката улога во преговорите за името. Подоцна, на 11 мај Глигоров се сретнал со Бутрос Гали, каде во присуство на медијаторите Овен и Венс било понудено решението „Поранешна југословенска Република Македонија (ПЈРМ)“.
По изборите во Грција, кон Македонија било воведено економско ембарго, на кој претседателот Глигоров остро ги осудил овие постапки кон јужниот сосед, повикувајќи се во генералното собрание на ООН за изнаоѓање на решение. Подоцна, на 13 септември, била склучена времена спогодба за нормализација на односите со Грција. По поништувањето на ембаргото, од страна на Белата куќа во САД бил предложен нов медијатор, Метју Нимиц, со кој Глигоров директно имал преговори во Рим, Италија. Подоцна, Глигоров го преживеал и атентатот извршен врз него во Скопје, каде неговата функција, извесно време ја презел Стојан Андов, кој присуствувал во преговорите.
Втор претседателски мандат (1994-1999)
[уреди | уреди извор]Во текот на октомври 1994 година во Република Македонија по првпат се одржале претседателски избори. Киро Глигоров, како кандидат за претседател од СДСМ, повторно бил избран за Претседател на Република Македонија, со освоени 78,4% од гласовите. Негов противкандидат бил познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски, како претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската ВМРО ДПМНЕ не ги прифатила резултатите од изборите.
Атентат врз претседателот Глигоров
[уреди | уреди извор]На 3 октомври 1995 година врз претседателот на Република Македонија бил извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеал атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загинал неговиот возач Александар Спировски, а бил повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегнал и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувач покрај местото на настанот.
Нападот бил извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот "Бристол" во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Бомбата, поставена во автомобил АМИ 8, експлодирала кога автомобилот на претседателот минувал покрај неа. Од силината на експлозијата, ситроенот бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Експлозивната направа била производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во полупречник од околу 50 метри. Автомобилот бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот. Нападот дошол по само еден ден откако во Скопје претстојувал претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, при што претседателите на двете земји постигнале договор за мегусебно признавање на двете земји.[9][10][11]
Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати. Во 1995 година, по неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ги посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи како нарачатели ги посочил бугарската „Мултигруп“, југословенската „КОС“ итн. „Братиславска врска“, но не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Подоцна, водството на бугарската организација „Мултигруп“ лично дошло во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации.[10] Во април 2008 година во Република Македонија дошла информација преку дневните медиуми дека организатор на атентатот била албанската организација „Кос“, но оваа информација не е потврдена.[12]
За обидот за атентат врз него, Глигоров напишал и автобиографска книга „Атентат - ден потоа“, што ја промовирал во 2002 година.
Политика на Глигоров по атентатот
[уреди | уреди извор]- За време на закрепнување на Киро Глигоров од повредите со кој се здобил, неговата должност ја вршел, според Уставот на Република Македонија, тогашниот Претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов. Киро Глигоров официјално на функцијата претседател на Република Македонија се вратил на 10 јануари 1996 година.
- На 8 април 1996 година била потпишана најавената спогодба помеѓу Република Македонија и СР Југославија
- На 25 април на меѓународниот форум Кан Монтана во Букурешт на Глигоров му била врачена Големата награда на Форумот
- Од 15 до 21 јуни 1997 година, Киро Глигоров бил на официјална посета на Соединетите Американски Држави, по покана од претседателот Бил Клинтон
- На 5 јануари 1998 година, на Глигоров во Неапол официјално му била врачена Средоземната награда за мир
- На 26 јануари 1998 година, Киро Глигоров бил во официјална посета на Руската Федерација по покана од претседателот Борис Елцин
По завршување на мандатот
[уреди | уреди извор]Незадоволен од внатрешната и надворешната политика на новата Влада на Македонија, Глигоров повеќепати јавно реагирал. Во текот на Воениот конфликт во Македонија тој имал средба со претседателот Борис Трајковски, на која истакнал: „Ова е класична окупација и работата треба да се препушти на Армијата – само Армијата е надлежна, има потенцијал и подготвеност да се справи со состојба на окупација на територијата.“ Во 2001 година, бил обновен Форумот за Македонија во чија активност Глигоров се вклучил. Во повеќе јавни настапи го изразил своето незадоволство од потпишувањето на компромисниот Рамковен договор и преку Форумот настојувал да се изменат предложените амандмани на Уставот.
Тие состојби свое место нашле во неговите мемоари „Македонија е сè што имаме“, промовирани во Македонската академија на науките и уметностите на 26 април 2001 година. Ова дело на Глигоров било преведувано и промовирано во повеќе земји од Балканот и во Европа. По пензионирањето од активниот политички живот, претседателот Глигоров бил активен преку Фондацијата која го носи неговото име и беше автор на повеќе книги. Заедно со Борис Трајковски, Глигоров во 2005 година станал прв носител на „Орден на Република Македонија.
Смрт
[уреди | уреди извор]Киро Глигоров починал на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје. Глигоров починал во длабока старост, на 94 години, спиејќи. Погребот бил извршен на 3 јануари на градските гробишта Бутел во Скопје [13]. Притоа, била испочитувана неговата последна желба - да има граѓански погреб, без државнички и црковни церемонии. Така, тој бил погребан без високи државни и црковни почести, на 3 јануари 2012 година, во 13 часот, во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје. Претходно, неговото тело било изложено во капелата, а последна почит му оддале стотина луѓе. До ковчегот стоеле неговите најблиски, синот Владимир и ќерките Лилјана и Донка, како и членови од потесното семејство. Во капелата, со Глигоров се простиле и претседателот Ѓорге Иванов, како и началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески, американскиот амбасадор, Пол Волерс, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, претставници од сојузот на борците, како и многу граѓани.
Ковчегот со посмртните останки од капелата го изнеле најблиските соработници на Глигоров. Покрај синот, двете ќерќи и останатите членови на семејството, во поворката која го испратила до неговиот вечен дом имало многу јавни личности од политичкиот и општествениот живот, дипломати, пратеници, академици. Во негова чест, 3 јануари бил прогласен за ден на жалост, а знамињата биле спуштени на половина копје. Во спомен на првиот претседател, Киро Глигоров, биле отворени книги на жалост на повеќе места, меѓу кои во претседателската вила на Водно, во канцелариите на претседателот, како и во седиштето на СДСМ и во општинските организации на партијата.[14].
Творештво
[уреди | уреди извор]Мисли, говори и др.
[уреди | уреди извор]За раѓањето на македонската држава:
[уреди | уреди извор]Како што споменав нејзиното раѓање е дело, за првпат можеби во нашата историја, на нејзиниот народ и ослободителна војска. После Самоила и обидот во средниот век да се формира македонска војска и после низата востанија да се ослободи македонскиот народ и да создаде своја држава тоа се случи со помош на 120 илјадна македонска војска за време на Втората светска војна.
За одлуките на АСНОМ, како секретар на иницијативниот одбор:
[уреди | уреди извор]Уште тогаш кажавме дека, без оглед на вера, националност и традиции, граѓаните треба да бидат еднакви во сите права и обврски кои ќе ги имаат во новата држава и дека тука не треба да се прави никаква разлика. Се повикувавме на оној познат Проглас на првиот Илинден во Крушево и Крушевската Република, каде што се повикуваа во борба не само малцинствата во Македонија туку и Турците, затоа што и тие беа угнетени од агите и беговите. Така, во асномските одлуки има една многу јасна демократска содржина, дури нема ништо од она што потоа, за жал, стана реалност - да имаме една партија. Со донесените одлуки се обезбедуваше слобода на мислењето, слобода на печатот и слобода на секого да ги кажува своите гледања и мислења и во една демократска атмосфера да можеме да изградиме едно цивилизирано општество.
Од претседателскиот инаугуративен говор на 27 јануари 1991 година:
[уреди | уреди извор]... ќе бидеме разбрани и почитувани, а нашите интереси респектирани од светот доколку се развиваме како демократско општество, способно да ги уредува внатрешните односи по мирен пат, развивајќи секој вид толеранција - верска, национална, политичка. Ние живееме на балканските простори, на кои се испреплетени многу народи. Секој сака да ја сочува својата самобитност, својата историја и национален дух, а тоа е можно само низ висок степен на разбирање и толеранција и без каков било обид да се загрози соседот, просторите на кои живее и неговите длабоко всадени корени.
На прославата по референдумот на 8 септември 1991:
[уреди | уреди извор]Да ви честитам слободна суверена и самостојна Македонија
За односите со соседите и опседнатоста со историјата:
[уреди | уреди извор]Ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга... И да ја оставиме историјата на страна. На Балканот, за жал, многу се живее од историјата... [15]
За достоинството:
[уреди | уреди извор]Најголемо достоинство на нашиот народ е што го сочува мирот, што не влезе во никаква војна, што не носи никаква вина за се она што се случи и што го згрозува целиот свет... [16]
За правото на народот да се изјасни дали е за промени:
[уреди | уреди извор]Никој не може да му го оспори правото на народот да се изјасни дали е за промени. Од тоа демократско начело не треба никој да стравува. Не гледам кого би го загрозил референдумот. Можеби не за сите амандмани, но можеби за еден добар дел народот ќе каже дека ги прифаќа. Во тоа, инаку, не верувам [17]
За додавката „поранешната југословенска“:
[уреди | уреди извор]Тогаш Велика Британија имаше амбасадор во ОН кој таму бил подолго време. Имал голем авторитет. Се трудел во такви тешки ситуации да најде прифатливо решение. И тој констатирал дека името Македонија не може да се брише, тоа нема да помине и ќе ја искомплицира ситуацијата. Да остане името Македонија, ама нешто мора да се направи и за другата страна за да не изгледаат поразени. И тогаш рекол, еве, ние ништо нема да кажеме неточно, сега се растура Југославија, дека Македонија е поранешна југословенска Република Македонија, ама Република Македонија. Така што, отстапката е многу значајна од грчка страна. А, од наша страна е повеќе чувство дека ете, не сме успеале да го одбраниме нашето уставно име. Тогаш на генералното собрание ние ниту тоа не можеше да го добиеме. Затоа што, мнозинството беше под големо влијание од грчката не само пропаганда, туку и од историски факти кои тие ги пласираа на свој начин. Дека цела Македонија е нивна. Дека ние сме натрапници. Дека сакаме да им го присвоиме културното наследство, имаме територијални претензии, а Грција е членка на НАТО и ЕУ, а таму владее и принцип на солидардност. Така што, ние со тоа не можевме да пробиеме по никоја цена да нема некоја додавка, но додавка која нам не може да ни пречи да се викаме Република Македонија [18].
За квазиисториските небулози:
[уреди | уреди извор]Сериозните историчари се смеат на она што се случува во мојата земја во изминатите години. Историјата е светско богатство, тоа јасно значи дека историското и културното богатство не смее да биде само грчко. Грците сметаат дека ние сакаме да земеме еден дел од нивното историско и културно наследство. Не велам дека овие грижи се неосновани бидејќи има претерувања и од наша страна. Има историчари во мојата земја кои велат дека ние на оваа територија сме биле 2000 години пред Александар Велики. За смеење. Му реков на еден мој пријател дека како што тргнало ќе докажеме дека сме директни потомци на Адам и Ева и ќе докажеме дека Рајот е наш, македонски [19].
За подобрувањето на бугарско-македонските односи и нивната иднина:
[уреди | уреди извор]Пречат разни луѓе на кои не им се бендисува таа работа. За жал. Јас мислам дека тие отношенија ќе бидат и мора да бидат многу блиски. Братски. Има многу Македонци во Бугарија. Се преселувале таму, те од Турци, те од едно, те од друго, те од Грци. И сега е тоа значајно население на Бугарија [20].
Од инаугуралното претседателско обраќање, 27.01.1991
[уреди | уреди извор]...треба да се донесе што побрзо новиот Устав за што јас дадов иницијатива до Собранието, со еден збор да ја престроиме македонската држава и да ја оспособиме да мине низ овие тешки времиња и да биде способен партнер на кој може да се смета, на кој може да му се верува, во кој може да се вложува, да се ризикува, а не да стоиме на периферијата на сите овие настани.
9 мај 1991 година
[уреди | уреди извор]Мислам дека со мирна совест можеме да заклучиме дека ниедна Република во Југославија не може ништо да ни забележи дека сме направиле некој потег, да сме сториле нешто што е на нивна штета. Ние ништо друго не бараме, освен во иднина сите други републики да се однесуваат кон позицијата на Македонија и кон нашите цели за кои ќе расправаме на таа маса на таа мировна конференција да се однесуваат со исто почитување и внимание кон сите наши барања.
Обраќање во Собранието на 2 септември 1991
[уреди | уреди извор]Ние не сме створени во некоја реторта од некоја коминтерновска, алхемиска работилница и по тој начин создадена некаква нација.... Ние сме тоа што сме со сета наша историја, со сè она што се белези на еден народ кој опстојува со векови, кој денес претставува пример на една модерна нација, и од никого не бараме да тоа да мора да го признае.
10 јануари 1992
[уреди | уреди извор]Република Македонија не може да прифати промена на името со која во него нема да се содржи зборот Македонија... Не се откажуваме од името Македонија. Никој нема право, ниту претседателот на Републиката, ниту Владата, ниту Парламентот да се откажат од името Македонија. За тоа не постои ниту уставна основа ниту политичко или морално право. Последиците од таквата одлука би биле закана за идентитетот на македонскиот народ, за стабилноста на државата и нејзиниот опстанок во реалното опкружување.
Од претседателското обраќање, 9 декември 1992
[уреди | уреди извор]...во било која солуција името Република Македонија си останува. Не се менува уставот. Во случај да нè признае Заедницата, што значи тоа признавање да биде од страна на 12-те членови во тој случај и само за надворешна употреба после името Република Македонија во заграда би следела додавката (Скопје). Тоа е отстапката која, во тој случај, би можела да се направи за разрешувањето не само на проблемот на непосредното признавање, брзото и непосредно признавање на нашата држава, туку и за трајни добрососедски односи и соработка со Република Грција.
Писмена изјава испратена до лидерите на 12-те земји-членки на ЕЗ
[уреди | уреди извор]Подготвеноста на ЕЗ да ја признае Македонија е нешто што само по себе се разбира и претставува обврска на Заедницата кон себе и начелата од кои се раководи. Нејзиното задоцнување го толкуваме како обид да ја увери Грција како своја членка во нужноста на ова признание и да ѝ даде време да се подготви на еден таков чин, имајќи го предвид и консензусот како метод на одлучување, договорен во Мастрихт. Меѓутоа, условувањето на тоа признание со името на нашата држава што ќе биде прифатливо за сите страни е прво, без преседан, потоа води кон одложување на признавањето со сите неповолни последици и опасности на зовриениот простор на бивша Југославија и пошироко, а нашата Република и нашиот народ ги става во неизвесност и во положба што не може ниеден народ да си ја дозволи бидејќи ги доведува во прашање неговиот ИДЕНТИТЕТ и достоинство. Лицитација околу името на една држава, како услов за нејзино меѓународно признавање, е надвор од сите норми на меѓународното право и практика што досега важеле и важат за признавањето на независноста на една држава. Арбитрарноста и лицитирањето околу името значат преземање голема одговорност на дванаесеттемина. Една мала држава со мирољубив народ очекува ЕЗ да си остане верна на самата себе. Би сакал во оваа пригода уште еднаш да подвлечам дека никој не треба да стравува дека однадвор ќе ни биде наметната каква било одлука што не би била прифатлива за нашиот народ. [21]
Од претседателското обраќање, 19 декември 1998
[уреди | уреди извор]Поучени од историското искуство и антиципирајќи ги големодржавните претензии и национални стратегии на соседите било за освојување и за политичко влијание за просторот на кој денес е Република Македонија, се определивме за политика на еквидистанца кон соседите... Голем дел од проблемите во регионот се резултат на историски хипотеки. Република Македонија се залага за откажување од големодржавните аспирации, со почитување на европските стандарди, особено во областа на човековите права и правата на националните малцинства... Владата на Република Македонија со одлуката од 8 февруари го потврди она што го означив како нелегален и нелегитимен чин воспоставување на дипломатски односи со Тајван... Демократијата не е самоволие и анархија... Донесено е решение со кое се откажавме од еден докажан пријател, како што е Народна Република Кина, која во најтешките моменти во нашето меѓународно оспорување, во ниеден момент не го доведе во прашање ни нашето суверено право да имаме држава, нација име и идентитет. Влетавме во неизвесност... Си дозволувам да изнесам оценка: во овој момент во Република Македонија институциите на системот не функионираат така како што треба а нивните меѓусебни односи се нарушени. Затоа беше мојата констатација во јавноста дека во Република Македонија е извршен ’мал државен удар’. Настаните што следеа, само го потврдија тоа
Вонредно претседателско обраќање на 23 февруари 1999
[уреди | уреди извор]Република Македонија може да биде горда што се издигна над балканскиот синдром да создава држави со крвта на своите деца.
Од претседателското обраќање, 15 април 1999
[уреди | уреди извор]Планираниот и изведен масовен егзодус на Албанците беше со цел да се дестабилизира Република Македонија.
Дела
[уреди | уреди извор]Глигоров е автор и на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател:
- Македонија е сè што имаме, 2001
- Атентат - ден потоа, 2002
- Виорни времиња : Република Македонија реалност на Балканот, 2004
- Сите југословенски (стопански) реформи, 2006
Одликувања
[уреди | уреди извор]Во текот на неговата политичка активност, Киро Глигоров бил одликуван со повеќе ордени:
- Орден на југословенското знаме со лента
- Орден на Републиката со златен венец
- Орден Братство и единство со златен венец
- Орден на трудот со црвено знаме
- Голем крст на Орденот Принц Хенри
- Јубилеен медал 65 години од победата во Големата Татковинска војна 1941-1945 - 16 април 2010
- Орден на Република Македонија - 2005
- Голем сребрен медал со лента за заслуги за Австрија
Занимливости
[уреди | уреди извор]Поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров бил најстариот македонски политичар, со околу 70 години активност во современата историја на Македонија. На 17 ноември 1999 година, кога завршил неговиот втор претседателски мандат, тој имал 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележал Глигоров како најстар претседател на држава во светот. Додека бил претседател на Република Македонија, Киро Глигоров бил политичар со убедливо највисок рејтинг во сите анкети на јавното мислење на граѓаните на Република Македонија.
Цитати за Глигоров
[уреди | уреди извор]Длабоко жалам за смртта на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. Тој беше патриот и вистински државник. Неговата посветеност за самостојноста на Македонија доведе до мирната транзиција во 1990-1991 година, а неговото цврсто водство беше инспирација во годините кога земјата ги надмина огромните потешкотии. Претседателот Глигоров беше пријател на САД и лидер кој имаше визија за својата земја, кој и понатаму ќе служи како пример во Македонија и регионот. Моите мисли и молитви се со неговото семејство и со сите граѓани на Македонија
—Хилари Клинтон
Киро Глигоров, како учесник во Народноослободителната и Антифашистичка борба и секретар на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ а подоцна и член на Президиумот на АСНОМ, и како прв претседател на самостојната и независна држава, ќе остане запаметен како човек и политичар кој имал сериозни заслуги и придонеси во ослободувањето, создавањето, меѓународната етаблираност и развојот на Република Македонија. Неговите дела ќе останат запишани во македонската историја и во колективната меморија на нашиот народ и граѓаните на Република Македонија. Нека му е вечна слава!
—Никола Груевски
Како никој друг со својот придонес ги поврза двата столба на современата македонска државност, АСНОМ 1944 година и 8 Септември 1991 година. Република Македонија под водство на Глигоров се избори за својата независност и меѓународно признавање без војна и крвопролевање, единствена од сите поранешните републики на Југославија...Го обвинуваа дека референдумското прашање од 8 Септември било југоносталгичарски, а мотивите беа сосема спротивни, прашањето беше така поставено за да референдумот успее со сигурност и Македонија со сигурност да стане независна држава. Го обвинуваа и него, а и нас дека сме предавници и плашливци затоа што дозволивме ЈНА да ја напушти Македонија со сето оружје. Неговиот одговор беше толку човечен и логичен: Колку тенкови или камиони вреди еден човечки живот. Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓето и да ни страда народот... Впрочем има ли поголем доказ за патриотизмот и храброста од фактот што на претседателот Глигоров му се случи атентат. Обид да му се одземе животот не заради него, туку заради Македонија.
—Бранко Црвенковски
Киро Глигоров беше политичар, државник, анти-фашист и пред сè голем човек кој работеше за доброто на сите граѓани. Тој не ги затвораше очите пред најтешките одлуки во 90-тите години...Неговото огромно искуство и државничката мудрост се заслужни што единствено Македонија од сите екс ју републики не беше вовлечена во војната. Верувам дека граѓаните на Македонија ќе знаат да го ценат таквиот став на Киро Глигоров. Се сеќавам дека нетолеранцијата и насилството како и национализмот кој произведуваше омраза го доведуваше до очај Киро Глигоров
—Богиќ Богичевиќ
Киро Глигоров беше државник, политичар. Киро беше политичар, еден од најистакнатите државници од редовите на македонскиот народ во Југославија. И негова огромна заслуга е што Македонија успеа мирно да го преброди распадот на Југославија на мирен начин и во тој период тој настојуваше да се сочува некој вид на заедништво во Југославија да се преобрази од атипичен федеретивен систем во Конфедерација за да се сочува тоа што беше заеднички интереси но за жал беше доцна и не се успеа.
—Раиф Диздаревиќ
Првиот претседател на независна Македонија има големи заслуги за целосното и мирно отцепување на Република Македонија од поранешната Југославија без конфликт што несомнено придонесе кон конечниот распад на Југославија. Претседателот Глигоров и по осамостојувањето, се залагаше за понатамошното градење на независна држава како и за зачленувањето на Република Македонија во меѓународни организации. Дозволете ми уште еднаш да го изразам моeтo искренo сочувство за загубата на претседателот Глигоров, чие име и дело ќе остане заслужно запишано во историјата на Република Македонија.
—Али Ахмети
Смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров е голема загуба за Македонија и за нејзините пријатели во регионот и светот.
—Сали Бериша
Смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров е голема загуба за Македонија и за нејзините пријатели во регионот и светот.
—Атифете Јахјага
Глигоров беше борец за национална кауза кој водеше мудра политика.
—Жељу Желев
Хронолошки преглед на поважните настани од животот на Киро Глигор
[уреди | уреди извор]Година | Месец | Настани |
---|---|---|
1917 | 3 мај | Роден Киро Глигоров во Штип |
1924 | септември | Запишан во прво одделение |
1924-1928 | Глигоров учи основно училиште во Штип | |
1928-1932 | Учи во Прогиманзијата во Штип | |
1932-1936 | Учи во машката гиманзија во Скопје | |
1936-1940 | Студира на Правниот факултет во Белград | |
1939 | октомври | Се вработил како правник во адвокатската канцеларија на Михајло Николиќ во Белград |
1941 | 6 април | Бомбардирањето на Белград, Глигоров го напушта Белград и заминува за Скопје |
1941-1943 | Глигоров работел како правник во Вардар-банка во Скопје, а подоцна отворил адвокатска канцеларија, во овој период дејствувал како илегалец во соработка со Кузман Јосифовски - Питу | |
1943 | есента | Формиран Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК) во Скопје |
октомври | Објавен Манифестот на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија | |
октомври | Глигоров се оженил со Нада Мишева, која што студирала на медицинскиот факултет во Белград | |
ноември | Формиран Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ | |
декември | Приговор на АНОК на Манифестот на Главниот штаб, автори на приговорот биле Киро Глигоров и Благој Хаџи Панзов | |
1944 | мај | Глигоров излегол во партизаните, во овој период бил член и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Глигоров работел во подготовката на политичкиот реферат |
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Стојан Андов, „Зошто Глигоров инсистираше на вториот дел од референдумското прашање?“, Фокус, број 1058, 15.1. 2015, стр. 44-45.
- ↑ Стојан Андов, „Зошто Глигоров инсистираше на вториот дел од референдумското прашање?“, Фокус, број 1058, 15.1. 2015, стр. 45-46.
- ↑ Андонов-Полјански Х., Гоце Делчев и неговото време, Култура, Скопје, 1978
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 40 и 46.
- ↑ Општина Штип, ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 9-10.
- ↑ Историја на Штип[мртва врска]
- ↑ „Список на членови на АСНОМ во дневниот весник „Нова Македонија“ од 3 август 2004.“
- ↑ „Интервју на Киро Глигоров за Утрински Весник“
- ↑ „Атентат-ден потоа“, Киро Глигоров (2002)
- ↑ 10,0 10,1 Стојан Андов, „Голем срам е што не се открија организаторите на атентатот врз Глигоров“, Фокус, број 1043, 2.10.2015, стр. 40-43.
- ↑ Гроздан Цветковски, „Неодговорната истрага ги сокри атентаторите“, Фокус, број 1043, 2.10.2015, стр. 40-43.
- ↑ Извештај на телевизија Канал 5 околу атентатот
- ↑ Почина Киро Глигоров
- ↑ „„Последна почит за првиот претседател", Утрински весник“. Архивирано од изворникот на 2012-07-13. Посетено на 2013-01-06.
- ↑ (1993)
- ↑ 10.04.1993, по повод приемот на Р.М. во ОН како „поранешната југословенска Република Македонија
- ↑ (2001, Киро Глигоров повика да се одржи референдум за уставните промени)
- ↑ 2005
- ↑ 2009
- ↑ “ – во интервју за агенцијата БГНЕС, јануари 2010.
- ↑ Писмена изјава испратена до лидерите на 12-те земји-членки на ЕЗ (сегашна ЕУ) на 3 мај 1992 година, по состанокот во Гимараеш, кога нивните министри повторно го одложија признавањето на Македонија
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Киро Глигоров“ на Ризницата ? |
- Зен будист на балканската крчма
- Легендата никогаш не заминува
- Ревизија на Глигоров
- 17 години од атентатот врз претседателот Глигоров
- Киро Глигоров (1917-2012) "Во центар" АлфаТВ 1
- Киро Глигоров за односите меѓу Р Македонија и Бугарија
- Интервју со Киро Глигоров
- Što je Kiro Gligorov rekao 31 siječnja 2007
- Независноста на Македонија
Политички функции | ||
---|---|---|
Претходник Мијалко Тодоровиќ |
Претседател на Сојузното собрание на СФРЈ 1974–1978 |
Наследник Драгослав Марковиќ |
Претходник нова функција |
Претседател на Република Македонија 1991–1999 |
Наследник Борис Трајковски |
|
|
|
Статијата „Киро Глигоров“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|