Кристина Пизанска
Кристина Пизанска | |
---|---|
Кристина Пизанска предавајќи на мажи | |
Роден(а) | 1364 Венеција |
Починал(а) | ц. 1430 (на 65–66 г.) |
Деца | Ќерка Жан ди Кастел |
Кристина Пизанска (фр. Christine de Pisan; Венеција, 1364 – Пуаси, 1430) била италијанскo-француска авторка од крајот на средниот век. Како писател, таа била во служба на неколку војводи (Луј Орлеански, Филип II од Бургундија, и Јован Бестрашниот од Бургундија), како и на францускиот кралски суд за време на владеењето на Шарл VI. Таа пишувала и поезија и проза како и биографии и книги кои содржеле практични совети за жени. Таа завршила 41 дело за време на нејзината триесетгодишна кариера од 1399-1429.[1] Голем дел од поттикот за нејзиното пишување дошол од потребата да заработи за себе и своите три деца.
Поддржана и охрабрена од страна на важни кралски француски и англиски добротвори, таа извршила влијание врз англиската поезија на 15 век. Нејзиниот успех произлегува од широкиот спектар на иновативни пишувања и реторички техники кои критички предизвикале реномирани писатели, како што се Жан де Мен, автор на Романсата на Розата, која таа ја критикувала како неморална.
Во последниве децении, делата на Кристина Пизанска добиле на важност благодарејќи на научниците како Чарити Канон Вилард, Ерл Џефри Ричардс и Симон де Бовоар. Некои научници тврдат дека таа би требало да се смета за рана феминистка која ефикасно го користела јазикот за да покаже дека жените можат да играат важна улога во општеството.
Живот
[уреди | уреди извор]Кристина Пизанска е родена во 1365 во Венеција, Италија. Таа била ќерка на Томасо ди Бенвенуто де Пизано (Томас Пизански, именуван по потеклото на семејството во градот Пизано, југоисточниот дел на Болоња), лекар, судски астролог, и советник на Република Венеција.[2] Во оваа атмосфера, Кристина била во можност да ги истражува своите интелектуални интереси. Таа успешно се себеобразувала, посветувајќи се на јазиците, откривајќи ги класиките и хуманизмот на раната ренесанса. Но, таа не ги искористила нејзините интелектуални способности, или се воспоставила како писател, додека не станала вдовица на возраст од 25 години.[3]
Со цел да се одржи материјално себеси и своето семејство, таа се свртела кон пишувањето. Од 1393, таа пишувала љубовни балади, што го привлекло вниманието на богатите добротвори. Овие покровители биле заинтригирани од оригиналиот, нов стил на еден женски писател и побарале од неа да компонира текстови за нивните романтични животи.[3] Нејзиното творештво во овој период е плодно. Помеѓу 1393 и 1412 година, таа напишала над 300 балади, и многу повеќе пократки песни.
Учеството на Кристина во една литературна дебата, во 1401-1402, дозволила да отиде подалеку од ексклузивните кругови, и на крајот да го воспостави својот статус како писателка која се занимава со позицијата на жените во општеството. Во текот на овие години, таа се вклучила во познатата книжевна полемика, “Расправа за Романсата на Розата”.[4] Таа помогнала да се поттикне оваа дебата со нејзиното сомневање за литературните заслуги на Романсата на Розата на Жан де Мен. Напишана во 13 век, Романсата на Розата ги сатиризирала конвенциите на љубовта додека критично ги прикажувала жените како ништо повеќе од измамници. Кристина конкретно се спротивила на употребата на вулгарните термини во алегоричната песна на Жан де Мен.[5] Нејзината критика првенствено произлегла од нејзиното верување дека Жан де Мен ги напаѓа жените низ текстот.
Дебатата била голема и на крајот, главниот проблем повеќе не биле литературните способности на Жан де Мен. Главен проблем станале неправедните клевети за жените во книжевните текстови. Овој спор помогнал да се воспостави репутацијата на Кристина како женски интелектуалец кој можел да се наметне ефикасно и да ги брани своите мислења во литературниот свет каде доминирале мажите. Таа продолжила да се спротивставува на навредливите литературни третмани на жените.
Дела
[уреди | уреди извор]До 1405, Кристина ги завршила своите најпознати книжевни дела, Книгата на Градот на Дамите и Богатството на Градот на Дамите. Првата од овие ја покажува важноста на минатите придонеси на жените во општеството, а втората се обидува да ги научи жените како да култивираат корисни квалитети.[6]
Во Книгата на Градот на Дамите таа создала симболички град во кој жените се ценети и бранети. Таа изградила три алегориски фигури - Разум, Правда и Чесност - во согласност со востановените модели во литературата на тоа време, кога многу книги и песни користеле алегориски фигури за изразување на идеите или чувствата. Таа влегува во дијалог, движејќи се меѓу прашања и одговори, со овие алегориски фигури што се од сосема женска перспектива.[7] Заедно, тие создале место каде можело да се зборува за проблемите од интерес за сите жени. Само женски гласови, примери и мислења биле обезбедени во овој текст. Кристина, преку дамата Разум особено, тврди дека стереотипите за жените можат да бидат одржани само ако жените се спречени од влегување во разговорот.[8] Генерално, таа се обидела да воспостави вистини за жените кои се контрадикторни на негативните стереотипи кои таа ги имала идентификувано во претходната литература.
Во Богатството на Градот на Дамите, таа го нагласува убедливиот ефект на говорот и активностите на жените во секојдневниот живот. Посебно во овој текст, Кристина тврди дека жените мора да ја признаат и промовираат нивната способност да направат мир меѓу луѓето. Оваа способност ќе им овозможи на жените да посредуваат меѓу мажот и други субјекти. Таа исто така тврди дека деградирачкиот говор ја еродира честа и се заканува на сестринските врски кај жените. Кристина потоа расправа дека "вештината во дискурс треба да биде дел од моралниот репертоар на секоја жена".[9] Таа верува дека влијанието на жената се остварува кога нејзиниот говор доделува вредност на добродетелноста, доблеста, и воздржаноста. Таа вели дека реториката е моќна алатка со која жените би можеле да ги надминат разликите и да се наметнат. Богатството на Градот на Дамите обезбедува глетка во животот на жените во 1400 година, од познатата дама во замокот до сопругата на трговецот, слугинката, и селанката. Таа нуди совети за учителките, вдовиците, па дури и проститутките.
Во “Расправа за Романсата на Розата”, таа му одговорила на Жан де Монтреј, кој ѝ испратил трактат во одбрана на сентиментите изразени во Романсата на Розата. Таа започнала со карактеризација на нејзиниот противник како "експерт во реториката" за разлика од себе, "жена која заборавила на суптилно разбирање и агилен сентимент". Во конкретниов апологетски одговор, Пизанска го критизира сопствениот стил. Таа користи реторичка стратегија со пишувањето против својата поента, исто така познато како иронија.[10] Нејзината способност за користење на реторички стратегии продолжила кога Кристина почнала да компонира книжевни текстови, после '“Querelle du Roman de la Rose”.
Нејзиното последно дело било напишано во 1429 година, Песната на Јованка Орлеанка ("Ditie de Jehanne dArc") било признание за Јованка Орлеанка. По завршувањето на оваа песна, се чини дека Кристина, на возраст од 65 години, одлучила да стави крај на својата литературна кариера.[11]
Во создавањето на своите дела, Кристина се трудела да најде и други жени за соработка. Таа посебно ја споменува илустраторката позната само како Анастасија, која таа ја опишала како најталентирана од нејзиното време.[12]
Влијание
[уреди | уреди извор]Кристина Пизанска главно била писателка која пишувала нарачани дела за аристократски семејства, како и за решавање на литературните дебати на ерата. Во модерните времиња, таа е етикетирана како поетска медијаторка која се занимавала со вметнување на историски текстови за да поттикне етичко и разумно однесување на своите кралски читатели. Некои тврдат дека Кристина Пизанска "ја започнала својата литературна кариера со пеење, сама во својата соба, а ја завршила со викање на јавниот плоштад".[13] Таа ставила свој печат во полето на реторичкиот дискурс во и онака машко-доминираната литературна област. Таа оставила 41 поетско дело и голем број книги со проза. Симон де Бовоар напишала во 1949 година дека Послание до Богот на Љубовта било "првпат жена да го земе своето перо во одбрана на нејзиниот пол".[14][15]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Jenny Redfern, "Christine de Pisan and The Treasure of the City of Ladies: A Medieval Rhetorician and Her Rhetoric" in Lunsford, Andrea A, ed. Reclaiming Rhetorica: Women and in the Rhetorical Tradition (Pittsburgh: University of Pittsburgh Press, 1995), p. 74
- ↑ Christine de Pizan, The Book of the City of Ladies, trans. by Rosalind Brown-Grant (London: Penguin Books, 1999), introduction.
- ↑ 3,0 3,1 Redfern, p. 77.
- ↑ Willard, p. 73.
- ↑ Maureen Quilligan, The Allegory of Female Authority: Christine de Pizan's "Cité des Dames" (New York: Cornell University Press, 1991), p. 40.
- ↑ Willard 1984, p. 135
- ↑ Campbell, p. 6
- ↑ Campbell, p. 7
- ↑ Redfern, p. 87
- ↑ Redfern p. 80
- ↑ Willard 1984, p. 207
- ↑ Christine de Pizan: An illuminated Voice By Doré Ripley, 2004 Accessed October 2007
- ↑ Desmond, Marilynn. Christine de Pizan and the Categories of Difference. University of Minnesota Press. Посетено на 6 March 2014.
- ↑ Schneir, Miriam. „Feminism: The Essential Historical Writings“. Vintage Books.
- ↑ Altmann, Barbara. Christine de Pizan: A Casebook. Routledge. Посетено на 1 април 2003.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Дела од Christine de Pisan на проектот „Гутенберг“
- Comprehensive bibliography of her works, including listings of the manuscripts, editions, translations, and essays. in French at Archives de littérature du Moyen Âge (Arlima)
- '"A Champion of Her Sex", W. Minto in Macmillan's Magazine, Volume LXIII, Nov. 1885 – Apr. 1886, pp. 264–275
- The Song of Joan of Arc poem - English translation w/ original French
- Les cent histoires de Troye From the Collections at the Library of Congress
- Livre des faits d'armes et de chevalerie. From the Rare Book and Special Collections Division at the Library of Congress
|