(Translated by https://www.hiragana.jp/)
Осоговски Планини — Википедија Прејди на содржината

Осоговски Планини

Координати: 42°9′30″N 22°31′0″E / 42.15833° СГШ; 22.51667° ИГД / 42.15833; 22.51667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Осоговски Планини
Осогово
Поглед на јужната падина на Осогово од Плачковица
Највисока точка
Надм. вис.2.252 м
Заведена какоултра
Друго имеОсогово
Географија
Осоговски Планини на карта

Карта

МестоМакедонија Македонија ,  Бугарија
Матичен венецОсоговски Планини

Осоговските Планини или Осогово — висок и громаден планински масив кој доминира во источниот дел на Република Македонија. Расположен е помеѓу Славишката Котлина на север, Кумановската Котлина на северозапад, Пробиштипско-злетовскиот слив на запад, Кочанската Котлина на југ, Пијанец на југоисток и Струмскиот басен со Ќустендилската Котлина на исток на територија на Република Бугарија.

Географија

[уреди | уреди извор]
Врвот Руен во зима

Како природна целина која се протега во две држави, Осоговскиот планински масив зафаќа вкупна површина од 1.535 км2, од кои на Република Македонија припаѓаат 1.102 км2 или 71,8%, додека 443 км2 или 28,2% на Република Бугарија. По својата површина е втор планински масив во Република Македонија, по планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Највисок врв e Руен (2.252 м), а покрај него уште 5 врва се повисоки од 2000 м.

Осоговскиот планиски масив тектонски припаѓа на српско-македонскиот масив, кој претставува старо копно на Балканскиот Полуостров. Тектонските движења со кои била зафатена оваа планина условиле да биде издигната, раседната и раздробена при што е формирана како хорст. Геолошкиот состав е претставен со прекамбриски метаморфити и палеозојски шкрилци. За време на терцијарот се одвивала интензивна вулканска активност, што овозможило создавање на големи резерви на оловно-цинкова руда.

Релјефот на Осоговскиот планински масив е претставен со високи, зарамнети и долги планински била, кои меѓу себе се расчленети со длабоки речни долини, вулкански купи и кратери. Најпознати била се Руенското било, претставува вододелница помеѓу сливот на Вардар и Струма; Соколско било; Калинкаменско било; Костадинечко-лисечко било кое е вододелница помеѓу Пчиња и Брегалница; Лопенско било; Д'лгиделско било и др. Покрај билата значаен релјефен елемент се речните долини кои се одликуваат со клисури. Најпознати се долините на Тораничка Река (извориште на Крива Река), Каменичка Река, Оризарска Река, Злетовска Река и др.[1]

Вегетација

[уреди | уреди извор]

Флората се разликува според вертикалната разместеност:

Потпланинска зона до 1.000 м каде виреат дрва од типот на даб, брест, габер, јасен, леска и слично; Планинска зона од 1.000-1.800 м, каде што преовладува буката; Субалпска зона која е прекриена со трева и грмушки од смрека.

Во самото срце на планината постојат многу мотели (меѓу кои и одморалиштето Пониква), планински куќи, викендички, како и базите „Тораница“ и „Тошино боиште“.

Поголеми градови во подножјето на Осоговските Планини се Кочани и Крива Паланка во Македонија, и Ќустендил во Бугарија.

Ендемити

[уреди | уреди извор]

На Осогово се среќаваат некои ендемски видови т.е видови кои се распространети на мал географски простор. Некои од нив живеат единствено на Осоговските Планини. Такво е растението Genista fukarekiana кое се среќава на највисоките врвови, Лесновскиот лопен - Verbascum lesnovoensis околу Лесновскиот кратер и еден од инсектите- тркачи [Molops piceus osogovensis] кој живее во дабовите и буковите шуми.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Постојат многу легенди за тоа како Осогово го добило името, но најпозната е онаа според која тоа потекнува од старите саксонски рудари кои во минатото на ова подрачје ископувале злато и сребро. Приказната вели дека името настанало со спојување на зборовите од старогерманскиот јазик „osso” (господ) и „gov” (место), што значи „Божјо место“.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Милевски И. 2006: „Геоморфологија на Осоговскиот планински масив“, докторска дисертација, Институт за географија, ПМФ, Скопје

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

42°9′30″N 22°31′0″E / 42.15833° СГШ; 22.51667° ИГД / 42.15833; 22.51667